ЕКСПЕРТИ И ПОРАНЕШНИ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ Димитровска мора да си поднесе оставка

По распитот во обвинителството, Димитровска исчезна од јавноста. Таа со судска наредба е оневозможена да има пристап до документите и предметите што ги води Комисијата и ѝ е одземена патната исправа. 

ЕКСПЕРТИ И ПОРАНЕШНИ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ Димитровска мора да си поднесе оставка

Поранешни членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и експерти за борба против корупцијата упатија јавна порака до актуелната претседателка Татјана Димитровска – да си поднесе оставка од морални причини, откако минатата недела се најде на листата на осомничени во случајот „Адитив“, под сомнение за оддавање службени тајни.

Снежана Камиловска-Трпковска, програмска координаторка во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), оцени дека оставката на Димитровска е неопходна за да може Комисијата да продолжи да работи според своите основни принципи и да ја врати довербата кај јавноста.

„За жал, овој состав на ДКСК не успеа да воспостави систем на отчетност како претходниот. Моделот на избор кој овозможи натпартиска и натполитичка ДКСК беше злоупотребен во 2023 година, со сериозно политичко влијание“, рече Камиловска на дебата организирана од Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ).

Таа предупреди дека недостасуваат и механизми за парламентарен надзор врз работата на ова независно тело.

Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК, оцени дека скандалот со Димитровска претставува „силен удар“ за институцијата и за јавната доверба.

„Претседателката мора најитно да си поднесе оставка бидејќи вака ја инфицира институцијата која мора да се прочисти“, порача Ивановска. Таа истакна дека Собранието мора да бара решенија и да ги активира постоечките механизми за контрола и подобрување на интегритетот на ДКСК.

Поранешниот член на Комисијата, Владимир Георгиев, посочи дека одговорноста за скандалот треба да биде индивидуална, а не колективна. Тој смета дека оставка треба да поднесе само претседателката, а не целиот состав на ДКСК.

„Довербата тешко се стекнува, а лесно се губи. ДКСК сега се наоѓа на границата на довербата“, рече Георгиев, додавајќи дека дополнителен проблем е трендот на намалена транспарентност што веќе е нотирана во извештаите на ГРЕКО.

По распитот во обвинителството, Димитровска исчезна од јавноста. Таа со судска наредба е оневозможена да има пристап до документите и предметите што ги води Комисијата и ѝ е одземена патната исправа.

Претседателката на ДКСК, Билјана Димитровска, е една од осомничените во проширената истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за случајот „Адитив“. Според информациите, Димитровска е осомничена дека преку апликации за пораки оддавала службени тајни.

Општ е впечатокот од експертите за оставка на претседателката на ДКСК заради зачувување на довербата и интегритетот на Комисијата. Експертите потсетуваат дека принципот на пресумпција на невиност мора да се почитува, но, тие истовремено укажуваат дека токму поради високата позиција и нејзината улога во креирањето јавната свест за борбата против корупцијата, повлекувањето од функцијата е неопходно за да се заштити кредибилитетот на институцијата и работата на останатите членови на Комисијата.

CATEGORIES
Share This