ЕК ЗАГРИЖЕНА ЗА ПРОТЕСТИТЕ – Но нема промена на правилото 90/180 дена
Работната група на Европската комисија без конкретен предлог за олеснување на престојот на професионалните возачи

Вториот состанок на работната група организирана од Европската комисија, посветен на последиците од примената на системот EES врз професионалните возачи од земјите од Западен Балкан, заврши без конкретно решение за проблемите со кои се соочува регионот, соопшти Министерството за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина.
На состанокот, Комисијата изразила загриженост поради најавените протести во Босна и Херцеговина и Србија, предупредувајќи дека слични активности во минатото довеле до сериозни прекини во синџирите на снабдување.
Од Брисел било потенцирано дека не е можна промена на методологијата за пресметка на престојот, додека евентуални флексибилности би можеле да се разгледуваат исклучиво на национално ниво од страна на земјите-членки.
Министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина, Един Форто, изјави дека разговорите не донеле конкретен напредок.
„За жал, ниту денешниот состанок не резултираше со конкретно решение. Побаравме од Европската комисија попрагматичен пристап, преку донесување акт за спроведување или издавање упатства, без измени на регулативата за правилото 90/180 дена. Тоа е вообичаен и правно заснован механизам во правото на ЕУ и најбрз начин за надминување на проблемот“, посочи Форто.
Од Министерството оценуваат дека Хрватска досега покажала најконкретен пристап во решавањето на прашањето.
Според нив, Хрватска иницирала измени на Законот за странци, со кои на професионалните возачи од трети земји, кои имаат формална деловна соработка со компанија регистрирана во таа држава, би им се овозможило добивање национална долгорочна виза.
Доколку измените бидат усвоени, возачите би можеле да престојуваат во Хрватска без примена на правилото 90/180 дена, пренесува Н1.


