ЕДИ РАМА ОД САМИТОТ ВО ТИРАНА Западен Балкан не моли за членство, туку го гради својот пат
Регионалните реформи со поддршка од 490 милиони евра ќе ги трансформираат јавните финансии и енергетиката

Во Палатата на Бригадите во Тирана се одржува самитот на Планот за раст „Нашиот пат кон ЕУ“, на кој присуствуваат лидерите на земјите од Западен Балкан и комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во воведниот говор истакна дека регионот никогаш претходно не доживеал реформи од ваков обем, со поддршка од 490 милиони евра, кои ги опфаќаат јавните финансии, енергетиката и други клучни сектори. Тој нагласи дека Западен Балкан се стреми да расте заедно со Европа, а не на сметка на унијата.
– Регионот не моли за членство во ЕУ, туку секој ден докажува дека заслужува да биде дел од неа. Со овој план за раст, ги градиме артериите на Европа преку коридорот 8, кој е клучен и за безбедноста во Европа и еден од безбедносните коридори на НАТО. Европа ја градиме заедно, а Западен Балкан секогаш нуди вредност, рече Рама.
Тој додаде дека регионот не треба да биде само набљудувач, туку активен фактор во Европа, и дека „Западен Балкан се движи од опасност кон можност“.
„Овој самит започнува со јасност и решителност. Западен Балкан се согласил да продолжи со Планот за раст како патоказ, не само кон Брисел, туку кон слободите на европскиот заеднички пазар. Луѓето ќе почувствуваат подобри услови – пониски трошоци, полесно патување, подобри работни места и слобода на движење, додаде Рама.
Премиерот посочи дека дигиталниот идентитет ќе стане дел од секојдневниот живот во регионот од следната година, а кога ЕУ ќе ја воведе оваа алатка во 2027 година, земјите од Западен Балкан ќе бидат подготвени.
Исто така, Рама побара олеснување на преминувањето преку граничните премини, нагласувајќи дека тие од „пречки ќе се претворат во мотори на развој“.

