ЕДЕН ТОН МАРИХУАНА ЗАПЛЕНЕТ ВО ЈОСИФОВО – Одземена лиценцата

Фирмата „Грин лајф“ дел од акција против илегална трговија со дрога

ЕДЕН ТОН МАРИХУАНА ЗАПЛЕНЕТ ВО ЈОСИФОВО – Одземена лиценцата
Фото: Принтскрин

Еден тон марихуана е запленет во складиштето на фирмата „Грин лајф“ во село Јосифово, Валандово. Оваа компанија е една од шестте на кои им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, потврдија од МВР за МИА.

„По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица и ОВР Валандово денес извршија претрес во просториите на „Грин лајф“, велат од МВР.

Компанијата се занимава со одгледување зачински, ароматични и лековити растенија, како и растенија за фармацевтска употреба. Операцијата е дел од континуираните акции за запирање на илегалната трговија со дрога.

Министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција соопшти дека лиценците за одгледување медицински канабис им се одземени на шест компании поради низа недоследности во работењето.

Покрај „Грин лајф“, лиценците им се одземени и на „Алфафам“ (замешана во шверц на марихуана во Србија), „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“.

Владата по заплената на над 40 тони марихуана од неколку компании пред две недели, започна контроли во сите 43 компании кои имаат дозволи за одгледување медицински канабис.

CATEGORIES
Share This