ЌЕ ИМА ИЛИ НЕМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ – Филипче и Мицкоски во спротивставени ставови

Филипче смета дека властa продолжува со авторитарни практики додека Мицкоски предлага укинување на техничката влада

ЌЕ ИМА ИЛИ НЕМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ – Филипче и Мицкоски во спротивставени ставови
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче изрази очекување дека власта ќе продолжи со авторитарни практики и нема да има слух за предлозите на опозицијата, во контекст на предлогот на премиерот Мицкоски за укинување на техничката влада. Според Филипче, техничката влада била формирана со консензус и одлуката за нејзино укинување треба да се донесе заеднички од сите политички партии.

„Одлуката треба да се базира на проценка на сите политички фактори со консензус, дали општеството е подготвено за укинување на техничката влада. Лесно е да се управува со две третини мнозинство, но прашањето е дали си политички коректен и дали имаш слух за аргументите на другите. Дали ги слушаш потребите на мнозинството граѓани и иднината на државата. За жал, оваа власт нема таков слух“, изјави Филипче.

Премиерот Мицкоски, пак, појасни дека неговиот предлог се однесува на тоа техничката влада да продолжи само за следните парламентарни избори, по што да биде укината. Тој додаде дека укинувањето на постмониторингот од Советот на Европа е сигнал дека земјата има демократски капацитет и правна држава, па техничката влада повеќе не е неопходна.

„Овој механизам беше важен во минатото, но сега, со јасната одлука на Советот на Европа за укинување на постмониторингот, тоа покажува дека имаме демократија и способност да спроведеме фер избори без разлика дали се локални, парламентарни или претседателски“, рече Мицкоски.

Филипче е уверен дека оваа власт нема да го издржи целиот мандат и прогнозира предвремени парламентарни избори.

„Сигурно ќе има предвремени избори поради кризите кои оваа власт ги создаде. Дали тоа ќе се случи кон крајот на годината или следната, ќе видиме, но до 2028 година, ваква власт нема да може да издржи“, изјави Филипче.

Мицкоски, од своја страна, ја отфрла можноста за предвремени избори и истакнува дека во моментот нема такви планови.

CATEGORIES
TAGS
Share This