ДЗР АЛАРМИРА – Сериозни неправилности во технолошко-индустриските развојни зони
ДЗР препорачува подобрување на управувањето и контрола на средствата

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави извештај за ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) за 2024 година. Ревизијата откри бројни неправилности и слабости во работењето.
Главни наоди се однесуваат на неколку сегменти: 287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ не се функционално искористени додека седум од 16 зони (203,5 хектари) и една индустриска зона (3,2 хектари) не се ставени во функција и не се дадени под закуп.
Во однос на капиталните инвестиции во тек вредни 4,243,216 илјади денари (68,995,382 евра) се водат како материјални средства во подготовка, иако голем дел веќе се користат. Амортизацијата не е пресметана поради недобивање одобренија за употреба.
Во однос на планирањето до крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма. Таа е усвоена дури во декември 2024 и важи за периодот 2025-2027 година.
Договорот за изградба „клуч на рака“ од 1,781,800 илјади денари (28,972,357 евра) за ТИРЗ Скопје, Штип и Прилеп е склучен без анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија и целосна проектна документација. Исплатен е аванс од 20% (302,000 илјади денари / 4,910,569 евра). Во ТИРЗ Штип, дел од објектите се изградени без проектна документација и дозвола за градење. Во ТИРЗ Гевгелија, и покрај договорот за консултантски услуги, не се реализирани клучни активности за избор на партнер и склучување на јавно-приватно партнерство.
Кај маркетингот и промоцијата дел од услугите биле извршувани преку рамковна спогодба, иако ТИРЗ има свој Сектор за маркетинг и комуникации. Ефектите од овие активности не се измерени.
Кај финансиски ризици во неискористените зони се реализирани инвестиции од 143,408 илјади денари (2,3 милиони евра). Наталожени се обврски по основ на задржани депозити, со реален ризик од судски постапки. Пример: депозит од 7,181 илјади денари од договор за закуп од 2024 година не е вратен од закупецот, и покрај поведена судска постапка.
Препораки на ДЗР се намалување на финансиските и правните ризици. Подобрување на планирањето и управувањето со капиталните инвестиции и ефективно спроведување на јавно-приватните проекти.


