ДВАНАЕСЕТТИ МАРШ ЗА АНГЕЛИТЕ ВО КОЧАНИ Семејствата сè уште чекаат правда
Меѓу дел од жителите на Кочани владее скепса и не верува дека правдата ќе ги стигне за виновниците за пожарот во клубот „Пулс“, кој им ги одзеде животите на нивните сограѓани

Со пораката „Молчат институциите – молчиме и ние“, родителите и роднините на загинатите во кочанската трагедија денеска го одржаа 12-тиот по ред „Марш за ангелите“. Повторно ја поминаа истата рута, исто како и во претходните месеци – од местото на трагедијата до институциите кои, според нив, сè уште не покажуваат вистинска одговорност.
Свирчиња и молк беа нивниот начин на изразување болка и револт – пред кафе-барот на сопственикот на дискотеката „Пулс“, пред зградите на Општина Кочани, полицијата, судот и обвинителството. Пред почетокот на маршот, родителите ги повторија своите барања: парична и институционална поддршка, како и комплетно видео снимање на судскиот процес за поголема транспарентност и отчетност.
Меѓу дел од жителите на Кочани владее скепса и не верува дека правдата ќе ги стигне за виновниците за пожарот во клубот „Пулс“, кој им ги одзеде животите на нивните сограѓани.
Во моментов, предметот е испратен од Врховниот суд на разгледување до Кривичниот суд во Скопје. Сè уште не е донесена конечна одлука дали случајот ќе остане во надлежност на Јавното обвинителство во Кочани или ќе биде префрлен во ЈО Скопје.
Родителите токму ова одложување и неизвесност го доживуваат како „молк“ од институциите – па и тие, симболично, преку молк денеска им порачаа дека оваа трагедија не смее да се заборави, ниту да се забошоти.


