ДВА МОСТА УРНАТИ ВО РУСИЈА Седум загинати и десетици повредени, сомнежи за саботажа

Настаните ги интензивираат стравувањата од зголемена нестабилност во руските погранични области, кои се сè почеста мета на напади и саботажи од почетокот на конфликтот со Украина.

ДВА МОСТА УРНАТИ ВО РУСИЈА Седум загинати и десетици повредени, сомнежи за саботажа
Фото: Руско министерство за вонредни состојби

Во Русија викендов се случија две тешки железнички несреќи, за кои властите се сомневаат дека се резултат на саботажа. Во саботата доцна навечер, мост во областа Брјанск се урна додека над него минувал патнички воз, при што загинаа седум лица, а 71 се повредени. Само неколку часа подоцна, рано во неделата, уште еден железнички мост се сруши во регионот Курск, предизвикувајќи повреди кај тројца членови на екипажот на товарен воз.

Националниот истражен комитет на Русија соопшти дека во двата случаи станува збор за намерно уништување на инфраструктурата. „Мостовите се кренати во воздух“, наведоа од Комитетот и најавија покренување на кривична постапка. Истрагата ја водат експерти од Главната управа за истраги на федералното тело.

Од Министерството за здравство соопштија дека 44 од повредените се хоспитализирани, а 11 се префрлени во водечката клиника во Москва. Меѓу нив има и деца, кои се згрижени во детската болница „Рошал“.

Рускиот претседател Владимир Путин е информиран за ситуацијата од страна на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Министерството за вонредни состојби. Министрите и регионалните власти доставија извештаи за укажаната помош и тековните активности на теренот. Тимови од Федералниот центар за медицински катастрофи се распоредени во Брјанск за поддршка на локалните болници и евакуација на повредените.

Во Курск, според в.д. гувернерот Александар Кинштајн, железнички мост се урнал додека товарен воз минувал над него. Неколку вагони паднале на патот под мостот, а локомотивата се запалила, но пожарот бил брзо изгаснат. Машиновозачот се здобил со повреда на ногата, а целата екипа е хоспитализирана.

Во Брјанск, падот на мостот доведе до дерајлирање на патнички воз. Снимки од местото покажуваат како патници се евакуираат низ скршени прозорци, додека службите за итна помош интервенираат. Според некои извештаи, возила кои се наоѓале на мостот исто така паднале на шините долу.

Рускиот сенатор Андреј Клишас остро ја обвини Украина, нарекувајќи ја „терористичка енклава“. Иако официјалните истраги сè уште не потврдиле експлозивна направа, неколку извори, вклучително и весникот Известија и канали на Телеграм, тврдат дека мостовите биле уништени со експлозии.

Министерството за вонредни состојби соопшти дека сите жртви добиле медицинска помош, а на местата на несреќите се распоредени дополнителни сили, опрема и осветлување за работа во текот на ноќта.

Неколку дена пред несреќите, во регионот Белгород, кој, како и Брјанск, се граничи со Украина – товарен воз наишол на експлозивна направа под шините. Според гувернерот Вјачеслав Гладков, експлозијата ја оштетила контактната мрежа на железницата, но немало повредени.

Настаните ги интензивираат стравувањата од зголемена нестабилност во руските погранични области, кои се сè почеста мета на напади и саботажи од почетокот на конфликтот со Украина.

CATEGORIES
TAGS
Share This