ДВА ГРАДА ИСТА БОЛКА – Кочани во солидарност со Кран-Монтана
Во пожарот во Кран-Монтана животот го загубија 40 млади луѓе, додека во трагедијата во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица

Со запалени свеќи и во тивка, достоинствена атмосфера, во Кочани се одржа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“. Граѓани од сите генерации се собраа за да изразат сочувство и солидарност со семејствата на жртвите од трагедијата во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.
На собирот присуствуваа и родители на децата кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека длабоко ја разбираат болката, загубата и празнината што ја остава ваква трагедија, нагласувајќи дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите. Во нивната порака упатија повик за солидарност и човечка поддршка кон семејствата погодени од несреќата во Швајцарија.
Во знак на почит кон згаснатите животи, присутните пуштија 40 бели балони кон небото – симбол на младоста што прерано згасна.
Без говори и без транспаренти, собирот помина во тишина, нарушена само од трепетот на запалените свеќи. Пораката беше јасна – болката нема граници, а човечката солидарност ги поврзува градовите и луѓето во најтешките моменти.
Во пожарот во Кран-Монтана животот го загубија 40 млади луѓе, додека во трагедијата во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица.


