ДУРМИШИ НАЈАВИ РИГОРОЗНИ МЕРКИ Трговците да не помислуваат на драстично зголемување на цените
Како дополнителна мерка, најави проширување на листата на производи со ограничени маржи, со што ќе се вклучат и нови артикли од секојдневна потрошувачка.
„Ако се утврдат девијантни однесувања и енормно зголемување на цените, ќе следат ригорозни мерки“, изјави Дурмиши.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави построги контроли и потенцијални ригорозни мерки против трговците кои драстично ги зголемуваат цените на производите. На денешната прес-конференција тој информираше дека Пазарната инспекција интензивно ќе врши редовни и вонредни контроли до крајот на месецот, а резултатите ќе бидат доставени до Владата и Министерството за економија.
„Ако се утврдат девијантни однесувања и енормно зголемување на цените, ќе следат ригорозни мерки“, изјави Дурмиши.
Министерот оцени дека досегашните мерки, како што се ограничувањата на трговските маржи за основни прехранбени и хигиенски производи, веќе даваат резултати. Според него, цените се стабилни, а економијата покажува знаци на заздравување.
„Цените на храна се речиси непроменети – само 0,3% зголемување на годишно ниво. Меѓу март и април 2024 година дури бележиме дефлација. Ова покажува дека економијата е стабилна и дека граѓаните не се соочуваат со енормни ценовни шокови“, рече министерот.
Како дополнителна мерка, најави проширување на листата на производи со ограничени маржи, со што ќе се вклучат и нови артикли од секојдневна потрошувачка.
Дурмиши додаде дека со оглед на стабилната ситуација, контролите ќе продолжат во координација со Пазарната инспекција и во редовна форма по завршувањето на вонредниот период.


