ДУИ НАЈАВИ ПАРТИСКИ КОНГРЕС ДО ДЕКЕМВРИ – Нема разговор за оставки
Притоа од ДУИ велат дека остануваат најголема политичка опција на национално ниво

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлучи да се одржи партискиот конгрес до 20 декември. Седницата се одржа денеска во партиското седиште во Мала Речица, а ја свика претседателот Али Ахмети.
– „Дискутиравме за сите политички и внатрешнопартиски работи, како и за коалицијата. Имајќи предвид дека истекол рокот за партиски конгрес како и актуелните политички околности во државата, е одлучено конгресот да се организира до 20 декември“, изјави потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми.
На прашање дали се разговарало за оставки по изборните резултати, Адеми нагласи дека тоа не било тема на седницата, бидејќи наскоро ќе се одржат внатрепартиски избори.
„Претседателот Ахмети вчера на прес-конференција истакна дека ја примивме пораката од гласачите. На национално ниво остануваме најголема политичка опција со над 23.000 гласа повеќе. За некои општини резултатите се поинакви, но ДУИ започнува процес на обнова, па затоа се организира партиски конгрес до 20 декември“, додаде Адеми.
Тој исто така информираше дека на седницата е донесена одлука за формирање организационен одбор за конгресот, кој ќе брои осум членови на партијата.


