ДСЗИ ГИ СООПШТИ ПРИЧИНИТЕ ЗА СМРТТА НА НОВОРОДЕНЧЕТО – Контроверзии околу присуството на семејството при реанимацијата на бебето
Смртта на новороденчето предизвикана од сериозни респираторни компликации

Причината за смртта на новороденчето на ГАК е колабирано белодробно крило и тешка респираторна слабост. Според медицинската документација обезбедена од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), смртта на новороденчето на В.И. од Арачиново била предизвикана од колабирано белодробно крило, отежнато дишење, прекумерна акумулација на течност во мозокот (едем) и кардиореспираторна инсуфициенција.
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, информира дека министерот за здравство иницирал формирање на комисија за стручен надзор која треба да утврди дали во третманот и лекувањето на починатото дете на Клиниката за гинекологија и акушерство имало пропусти.
Вонреден инспекциски надзор во клиниката бил извршен на 16 октомври, по доставена наредба од министерот за здравство, со цел детално да се испита третманот на новороденчето починато на 1 октомври.
Според текот на настаните родилката В.И. се јавила за преглед на 27 септември и како итен случај била хоспитализирана на Одделот за патолошка и високоризична бременост. На 28 септември била поставена индикација за породување со царски рез, кое било извршено во вечерните часови (20:10 – 21:00). Родено било живо машко дете, прематурус (36 недели). Четири часа по породувањето, на 29 септември, детето било префрлено на Одделот за интензивна нега поради средно-тежок респираторен дистрес. Нативна графија на бели дробови покажала парцијален пнеумоторакс на левата страна, по што детето било седирано, интубирано и приклучено на вештачка вентилација. Добиено е тројно антибиотско лекување поради конатална сепса, а детски хирург препорачал конзервативен третман на пнеумотораксот. Утрото на 29 септември детето било два пати реинтубирано поради спонтана екстубација. На 1 октомври состојбата на детето се влошила, па бил повикан детски кардиолог и детски хирург, кои поставиле дрен поради масивен пнеумоторакс на десната страна. Ултразвучен преглед на мозокот покажал oedema cerebri. Поради критичната состојба била изведена кардио-пулмонална реанимација, со три дози адреналин, но без успех. Детето починало во 19:00 часот.
Инаку, родилката В.И. била испишана од клиниката на 1 октомври по сопствено барање, спротивно на советот на лекар. Комисијата за следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита на клиниката се состанала на 14 и 28 октомври за случајот.
Мајката на бебето чија сомнителна смрт ја истражуваат Јавното обвинителство и МВР, ги опиша тешките моменти низ кои минува во последните два месеци. Таа вели дека за интубацијата на бебето по втор пат дознала од медиумите и никој не ѝ соопштил дека се обидувало да го реанимираат.
Исто така, за внатрешната контрола на Комисијата за квалитет на ГАК дознала од медиумите, по пријава на раководителката на одделот за интензивна нега за професионална грешка на колешка од одделот. Мајката е децидна – таа не присуствувала ниту на реинтубацијата, ниту на реанимацијата на своето новороденче.
Спротивно на ова, изјавата на докторката доставена до директорката на болницата тврди дека „семејството присуствувало на целиот процес на реанимација“.
Низ солзи, мајката истакна дека само една мајка знае како е да излезе со празни раце по 41 час малтретирање на операција. Таа ја повикува државата и институциите случајот да не се заташкува, туку да се расчисти до крај.


