ДРЖАВНИОТ ВРВ НА СЕДНИЦАТА ЗА ПУЛС – Откажани настани поради притисокот за присуство

Паралелно, во Собранието веќе функционира и посебна анкетна комисија, со задача да ги разгледа сите поголеми трагедии во последните години, меѓу кои и пожарот во „Пулс“.

ДРЖАВНИОТ ВРВ НА СЕДНИЦАТА ЗА ПУЛС – Откажани настани поради притисокот за присуство
Фото: Принтскрин

Целиот државен врв – претседателката, претседателот на Собранието и премиерот денес се појавија во Парламентот на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Комисијата расправа по претставката поднесена од родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.

Премиерот Христијан Мицкоски имаше закажано обиколка на градежни активности во Ново Лисиче, но ја откажа. И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која до последен момент не откри дали ќе присуствува, реши да се појави. Нивното отсуство, проценија, би предизвикало сериозна политичка штета.

Семејствата на жртвите остро се спротивставија на нови одложувања, барајќи целосно присуство од сите пратеници и институции. Тие истакнаа дека денешната седница е единствена можност директно да им се обратат на народните избраници.

Опозицијата, пак, предупреди дека седницата може да пропадне поради недостиг на кворум доколку владејачките пратеници решат да не присуствуваат.

На седницата говореше и пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, која им порача на родителите дека биле „злоупотребени од Апасиев“, нудејќи им да разговараат за време на паузата.

По паузата од половина час, седницата продолжи.

Паралелно, во Собранието веќе функционира и посебна анкетна комисија, со задача да ги разгледа сите поголеми трагедии во последните години, меѓу кои и пожарот во „Пулс“.

Да потсетиме, во претставата на Здружението „16 март 2025“ се посочува дека ова за нив не е политичка тема, туку борба за правда за нивните деца и спречување на идни вакви случаи. Во неа се нагласува дека не сакаат ништо повеќе од она што Уставот и законите треба да го гарантираат: одговорност и почитување на човековите права и човечкиот живот, а за што сметаат дека постои јасна и неодложна обврска институциите да дејствуваат.

„Ние се обраќаме кон вас со голема болка. Но ние не се парализиравме. Бараме целосна правда. Нивните животи згаснаа во еден миг во една ужасна трагедија како резултат на неспособноста на сите нивоа на власта. Бараме овој случај да се разгледа како повреда на човековите права. Но бараме и одговори – зошто не се гонат актуелни функционери од МВР, од БЈБ, СВР Штип, ОВР Кочани, од УЈП, од Пазарната инспекција? Истрагата се води селективно. Се гонат само тие на пониските позиции, а носителите на функции, началници, директори слободно се шетаат низ градот. Трагедијата е резултат на корупција. Системот со години им дозволувал да заработуваат поединци на грбот, на животот на недолжни луѓе”, кажа Марија Петрушова, чие дете загина во катастрофалниот пожар.

Таа уште додаде дека паднаа во вода ветувањата дека никој нема да биде поштеден.

„Зошто не се гонат кривично актуелни функционери? Каде е актуелниот министер за економија, началникот на СВР Штип, началничката на Кочанската полиција, главната инспекторка за економски криминал во полицијата, УЈП, Пазарна инспекција…?”, праша Петрушова.

Петрушова уште нагласи дека врз родителите и семејствата е направена дискриминација.

„Немаме одговор ни од Владата, ни од премиерот за нашето барање за финансиска помош. За разлика од трагедиите во модуларната болница во Тетово и другите, Владата веднаш одржа комеморација, донесе одлука за психолошка помош и две одлуки за финансиска помош. Ние и по 9 месеци не добивме ништо”, кажа Петрушова.

CATEGORIES
TAGS
Share This