ДРАМАТИЧНИ РЕВАНШ НАТПРЕВАРИ ВО ЛШ Барса и ПСЖ преживеаја драма на гостувањата
Фудбалерите на Барселона и ПСЖ се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако Барселона на првиот натпревар дома победи со 4:0, а во реваншот во Дортмунд победи Борусија со недоволните 3:1, додека ПСЖ на гостувањето кај Астон Вила беше поразен со 3:2

Фудбалерите на Барселона и ПСЖ се пласираа во полуфиналето на Лигата на шампионите, откако Барселона на првиот натпревар дома победи со 4:0, а во реваншот во Дортмунд победи Борусија со недоволните 3:1, додека ПСЖ на гостувањето кај Астон Вила беше поразен со 3:2.
Во полуфиналето Барселона го чека победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Интер и Баерн додека ПСЖ го пречекува подобриот од натпреварот Реал Мадрид и Арсенал.
Сепак, реванш-дуелите што ги одиграа Барселона и ПСЖ на гости, можеа да имаат сосема поинаков биланс.
ПСЖ имаше предност од два гола по само половина час игра на реваншот на гости, против Астон Вила, но домаќинот успеа во наредните 30 минути целосно да го сврти резултатот во своја корист и да поведе со 3:2. Сепак, Астон Вила не успеа да постигне уште еден гол, кој ќе ги одведеше во продолжение.
„Бевме премногу самоуверени, направивме работи што не требаше да ги направиме. Во одреден момент, се тресевме од страв и примивме два гола за три минути, но мислам дека заслуживме да се пласираме понатаму“ – рече тренерот на ПСЖ, Луис Енрике.
Барселона ја заврши работата уште во Каталонија, кога го совлада Дортмунд со 4:0, па мечот во Германија требаше да биде само формалност. Домаќините се надеваа на големо изненадување со двата гола на Гираси во 11. и во 49. минута, кога поведоа со 2:0, но Бенсебаини со автогол ги сруши сите нивни надежи. Пред крајот, Гираси го постигна третиот гол за конечни 3:1.
„Напредувавме, и тоа беше нашата цел. Фантастично е да се најде клубот во полуфиналето на Лигата на шампионите. Тоа е голем успех и многу сме среќни поради тоа. Игравме против голема екипа како Борусија од Дортмунд, која ни го направи животот потежок од очекувањата. Единствено важно е што сме во полуфиналето. Мораме да гледаме на позитивните, а не на негативните работи. Имаме одличен тим, кој игра брилијантно досега и тоа е она што е важно. Мора да продолжиме да го правиме она што го правевме. Имаме големи предизвици пред нас“ – истакна Ханси Флик, тренерот на каталонскиот гигант.
Полуфиналните натпревари се закажани за 29 и 30 април, реваншите на 6 и 7 мај.
Финалето е на 31 мај на Алијанц Арената во Минхен.


