ДРАМАТИЧЕН ПОВИК НА РАСМУСЕН – Европските фабрики за автомобили да се пренаменат во воени
Поранешниот генерален секретар на НАТО предупредува дека Европа нема доволно транспортни и сателитски капацитети и бара побрзо јакнење на одбранбената индустрија.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, ги повика европските производители на автомобили да ги пренасочат неискористените производствени капацитети кон одбранбената индустрија, предупредувајќи дека Европа се соочува со сериозен недостиг од воени транспортни ресурси и сателитски капацитети.
Во интервју за шпанскиот весник Паис, Расмусен, кој ја предводеше Алијансата од 2009 до 2014 година, истакна дека бројни европски автомобилски фабрики работат под својот капацитет и дека тие ресурси би требало да се искористат за производство на воена опрема по примерот на Соединетите Американски Држави од 1941 година.
Според него, дел од компаниите продолжуваат да произведуваат возила за кои нема доволна пазарна побарувачка, наместо да ги стават производствените линии во функција на одбранбената индустрија, каде што потребите се сè поголеми.
Расмусен оцени дека Европа мора да ја доведе својата економија во состојба на „оперативна подготвеност“, нагласувајќи дека европските армии се соочуваат со недостиг од транспортни капацитети за брз трансфер на војници, како и со ограничен број сателити.
Тој дополнително ја истакна потребата од значително забрзување на производството на стратешка воена опрема и сектор во кој Европа, како што посочи, со децении е премногу зависна од Соединетите Американски Држави.


