ИДНИНАТА СЕ ТОПИ 18% помалку деца, 66% не знаат да читаат

Според извештајот, од 2011 до 2023 година, бројот на деца значително опаднал, при што стапката на фертилитет се задржала на ниско ниво од 1,5.

ИДНИНАТА СЕ ТОПИ 18% помалку деца, 66% не знаат да читаат

Република Македонија се соочува со сериозна демографска и социјална криза – детската популација е намалена за 18 проценти за само една деценија, а повеќе од една третина од децата живеат под прагот на сиромаштија. Овие загрижувачки податоци ги открива најновата анализа на УНИЦЕФ, која беше презентирана во македонското Собрание.

Според извештајот, од 2011 до 2023 година, бројот на деца значително опаднал, при што стапката на фертилитет се задржала на ниско ниво од 1,5. Урбанизацијата е во пораст – 63 проценти од децата живеат во урбани средини – но основните услуги не се соодветно прилагодени на овие промени. Исто така, земјата бележи постојан негативен миграционен тренд, со повеќе иселеници отколку доселеници.

Јавните инвестиции во секторите клучни за развој на децата – образованието, здравството и социјалната заштита, остануваат под просеците на ЕУ. Само 4,8% од БДП се издвојуваат за здравство, 4,2% за образование и само 1,5% за социјална заштита, што е под регионалните и европските стандарди.

УНИЦЕФ предупредува дека 32,7 проценти од децата во земјата живеат под прагот на сиромаштија, додека кај ромската популација таа бројка изнесува алармантни 79 проценти. Социјалната помош е ограничена, само 22,6% од домаќинствата со деца добиваат семеен додаток, наспроти 88,4% во ЕУ.

Во образованието, ситуацијата е загрижувачка, 66% од учениците не поседуваат основни вештини за читање, 74% не постигнуваат основни математички способности, а 65% имаат слаби резултати по наука. Само 50% од децата посетуваат предучилишно образование, а кај ромските деца тој процент е понискиот само 8%.

Насилството над децата е широко распространето, 73% од нив се изложени на насилно дисциплинирање дома. Присутни се и нови форми, како онлајн насилството, при што момчињата, ромските деца и децата со попреченост се најмногу погодени. Високата стапка на детски бракови (8%), особено кај ромските девојчиња (45%), дополнително го отежнува нивниот развој и образование.

Анализата посочува и сериозни ризици по здравјето на децата. Лошиот квалитет на воздухот, високото ниво на PM2.5 и климатските промени предизвикуваат значителни здравствени проблеми, респираторни заболувања се причина за речиси 40% од сите детски морбидитети. Со стапка на смртност од 96 на 100.000 поради загадување, Македонија е далеку над европскиот просек.

УНИЦЕФ апелира на итни системски реформи и зголемување на јавните инвестиции за подобрување на условите за децата и заштита на нивните права. Без одлучни мерки, трендовите на иселување, сиромаштија и социјална исклученост би можеле да предизвикаат долгорочни штети за иднината на земјата.

CATEGORIES
Share This