ДРАМА ВО ЕУ – Бугарија се заканува со ново вето, виновен е Томас Вајц

Бугарските европратеници се мобилизираат за блокирање на спорните формулации.

ДРАМА ВО ЕУ – Бугарија се заканува со ново вето, виновен е Томас Вајц
Фото: Принтскрин

Софија е затечена од иницијативите на известувачот во Европскиот парламент, Томас Вајц, чии предлози се доживуваат како директен предизвик за бугарските позиции во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија. Дел од бугарските политичари веќе го етикетираат како „тројански коњ“, обвинувајќи го за блискост со македонското раководство.

Европратеникот Илија Лазаров предупреди дека секоја промена во европскиот консензус може да ѝ даде на Бугарија основа повторно да стави вето на пристапувањето на земјата во Европската Унија. Според него, Вајц ги вградува ставовите на македонските власти во својот извештај, што, како што вели, отвора сериозни политички дилеми во Брисел.

Лазаров потсети дека бугарските европратеници веќе еднаш успеале да блокираат формулации поврзани со македонскиот јазик и идентитет, додавајќи дека координираното делување ќе продолжи и во иднина.

Во фокусот на спорот повторно е т.н. Француски предлог, кој, според бугарската страна, е веќе затворено прашање.

Лазаров нагласува дека овој договор бил одобрен од сите 27 земји-членки на ЕУ и ратификуван во македонското Собрание, па затоа, како што вели, „не е предмет на ново преговарање“. Особено спорно за Софија е отворањето на прашањето за вториот протокол, кој се смета за клучен инструмент за следење на обврските на Скопје.

Иако реториката на бугарските претставници е остра, дел од анализите укажуваат дека ваквите изјави можат да се толкуваат како знак на несигурност во Софија. Се појавуваат проценки дека Бугарија се соочува со можноста процесот да продолжи без целосно исполнување на нејзините услови, особено во однос на уставните измени.

Во тој контекст, се споменува и пофлексибилен пристап и евентуално дозволување на почеток на преговорите, но со задржување на правото на вето во подоцнежните фази од процесот.

Дополнителен притисок врз бугарските власти доаѓа и од политички актери како Петар Колев, кој ја критикува Софија за пасивност и недоволна реакција во Брисел.

Паралелно со политичките тензии, во дел од медиумите се појавуваат критики за реформскиот процес во Северна Македонија. Земјата, според овие оценки, доцни со клучни обврски, особено со усвојувањето на патоказот за функционирање на демократските институции.

Иако документот е во напредна фаза, неговото одложување создава впечаток на институционален застој. Ова се надоврзува на веќе постоечките предизвици и политички поделби, административни слабости и надворешен притисок што ја ставаат земјата во позиција на т.н. „самоблокада“.

Иницијативите на Вајц отвораат и сериозни правни прашања. Еден од клучните аргументи е дека сегашниот модел, преку протоколот, ѝ овозможува на Бугарија долгорочно да влијае врз процесот без јасни временски ограничувања.

Според анализите, можно е неколку сценарија и од правно толкување на протоколот до потенцијална ревизија на преговарачката рамка. Во екстремен случај, тоа би значело ново отворање на договорените услови.

Во бугарскиот политички дискурс, активностите на Вајц сè почесто се квалификуваат како недозволиво лобирање. Колев дури го нарече „тројански коњ“, обвинувајќи го дека се обидува повторно да отвори веќе затворени прашања.

Сепак, од македонска перспектива, неговите предлози се гледаат како обид за правно расчистување на нејаснотиите во рамката и ограничување на можностите за политичка блокада.

Иако формално сите страни ја поддржуваат европската перспектива на земјата, спорот сè повеќе се префрла од политичко на правно и процедурно ниво.

Прашањето веќе не е само кога Северна Македонија ќе напредува кон ЕУ, туку под кои услови и дали тие услови можат повторно да се менуваат.

CATEGORIES
TAGS
Share This