ДРАМА НА ЈАХОРИНА – Лукас ја опиша опасната брканица на пат кон Србија
Лукас поднел кривични пријави против сите инволвирани, вклучително и против Недељко Елек

Српскиот пејач Аца Лукас изнесе сериозни обвинувања за, како што вели, организиран напад врз него по настапот што го имал на Јахорина. Тој тврди дека при враќањето кон Србија бил следен и нападнат во, како што ја опишува, „филмска потера“ која траела околу 20 километри.
Според неговата изјава, инцидентот започнал откако со возачот го напуштил хотелот и се упатил кон Србија.
„Настапував на приватна забава. По завршувањето тргнавме кон Србија, а во Пале забележавме дека едно возило постојано нè следи. Му предложив на возачот да застане за да нè заобиколат, но тоа не се случи“ – раскажува Лукас.
Тој тврди дека потоа следела долга и опасна брканица.
„Возилото нè следеше со километри, а во еден момент почнаа и директни удари во нашиот автомобил. Бевме удрени повеќе пати и преживеавме, според мене, благодарение на среќа. Целта беше да нè исфрлат од патот“ – вели пејачот.
Лукас наведува дека случајот го пријавиле во Соколац, по што возилото што ги следело се оддалечило. Според неговите информации, полицијата извршила увид, а камерите покажале дека возилото било во сопственост на лице со криминално досие, додека управувало друго лице кое, како што тврди, било уапсено.
Пејачот вели дека нема личен конфликт со лицата што го следеле, но дека има отворен судир со Недељко Елек, претседател на Надзорниот одбор на Олимпискиот центар „Јахорина“.
„Немам контакт со тие луѓе. Сè укажува дека сè било организирано. Поднесов кривични пријави против сите инволвирани, како и против Елек, бидејќи во последниот период добивав информации дека ми се заканувал“ – изјави Лукас, додавајќи дека нема намера да се повлече и дека ќе ја истера постапката до крај.
Недељко Елек категорично ги отфрли наводите на Лукас.
„Шокиран сум од ваквите обвинувања. Колку што ми е познато, станува збор за сообраќаен инцидент. Возачот на другото возило го признал прекршокот, а полицијата случајот го третира како сообраќаен, не како обид за убиство“ – изјави Елек.
Тој најави и правни чекори против Лукас.
„Сите изнесени тврдења ќе мора да се докажат пред суд. Моите адвокати ќе реагираат соодветно во Белград“ – додаде тој.
Елек истакна дека евентуалната негова поврзаност со лицата од инцидентот е лесно проверлива и дека, доколку постоела намера за напад, тоа можело да се случи уште на Јахорина.
„Лукас и неговите соработници претходно јавно зборуваа дека биле одлично пречекани. Затоа не е јасно од каде ваквите тешки обвинувања. Сè ќе се расчисти на суд“ – заклучи Елек.


