ДОДИК ОДГОВАРА СО РЕФЕРЕНДУМ – Ме судат, ама народот пресудува
Тој соопшти дека одлуката за одржување референдум е донесена по денешниот состанок со коалициските партнери и претставници на врвните институции во Република Српска.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска на вонредна прес-конференција во Бања Лука изјави дека нема намера да ја напушти ниту функцијата ниту Република Српска, и најави референдум на кој, како што рече, народот ќе одлучи за неговата политичка иднина.
„Ќе останам тука. Ќе се борам со нивното оружје. Само народот има право да одлучи како ќе продолжиме“, рече Додик, упатувајќи остри критики кон правосудните институции на Босна и Херцеговина и високите претставници.
Тој соопшти дека одлуката за одржување референдум е донесена по денешниот состанок со коалициските партнери и претставници на врвните институции во Република Српска.
„Коалицијата е единствена – ќе ја браниме уставната и дејтонската позиција на Српска, која е сериозно загрозена со постапките на Кристијан Шмит“, додаде Додик, нарекувајќи го Шмит „нелегален и нелегитимен“.
Владата на Република Српска, според него, ја смета пресудата против него за „ништовна, неуставна и политички мотивирана“.
„Ова не е за мене лично. Јас имам мандат од народот и тој ќе биде прашан на референдум – дали и како да продолжам“, рече Додик, повикувајќи на единство меѓу Србите во Република Српска.


