ДОБРА ВЕСТ ЗА СРБИЈА – САД ја продолжија лиценцата на НИС до 20 февруари

Трансакциите не смеат да вклучуваат американски субјекти или блокирани компании

ДОБРА ВЕСТ ЗА СРБИЈА – САД ја продолжија лиценцата на НИС до 20 февруари
Фото: Принтскрин

Американското Министерство за финансии ја продолжи лиценцата за работа на Нафтената индустрија на Србија (НИС) до 20 февруари, јави РТС.

Во писмото до српското Министерство за финансии се наведени условите под кои лиценцата е валидна: трансакциите не смеат да вклучуваат американски субјекти, американски финансиски систем или, директно или индиректно, кој било друг блокиран субјект освен НИС. Исто така, трансакциите не смеат да опфаќаат активности кои се предмет на санкции според правилниците за санкции поради штетни надворешнополитички активности на Русија, санкции поврзани со Украина и Русија или други американски правилници овластени за воведување санкции.

Претходната лиценца, што НИС ја доби пред три недели, требаше да истече на полноќ. Компанијата поднесе ново барање за продолжување бидејќи прелиминарниот договор за купопродажба помеѓу „Гаспромњефт“ и МОЛ беше доставен до ОФАК, што беше услов на американската администрација за издавање нова дозвола за работа.

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, оцени дека продолжувањето на лиценцата е одлична вест за Србија, бидејќи ја зголемува безбедноста за граѓаните и ја стабилизира економијата. На прес-конференција во Парламентот, Брнабиќ истакна дека продолжувањето на лиценцата значи дека НИС ќе може да продолжи со работа, вклучително и рафинеријата во Панчево.

CATEGORIES
Share This