ДКСК СО ОСТРИ ЗАБЕЛЕШКИ – Платеното политичко рекламирање без јасни правила и еднаков пристап

Комисијата утврди три регулаторни ризици во правилата за платено политичко рекламирање и побара усогласување на законските членови.

ДКСК СО ОСТРИ ЗАБЕЛЕШКИ – Платеното политичко рекламирање без јасни правила и еднаков пристап
Фото: Национал

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната 24. седница го разгледа и усвои Извештајот од антикорупциска проверка на одредбите од Глава VI на Изборниот законик – делот „Изборна кампања“ со поднаслов „Медиумско претставување“ (членови 75 до 76-д).

Како што информира потпретседателката Цвета Ристовска, извештајот ќе биде доставен до надлежните институции со цел усогласување на одредени членови, за појасно дефинирање на поимот учесник во изборна кампања и обезбедување рамноправен пристап до платено политичко рекламирање за сите учесници.

Ристовска посочи дека ДКСК утврдила три регулаторни ризици во сегашното дефинирање на процесот на платено политичко рекламирање, поради двосмислената терминологија која овозможува различни толкувања.

Првиот ризик се однесува на член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, каде законодавецот користи зборови како „може“ и „најмногу“, што остава простор за повеќекратно толкување и не создава јасна обврска.

„Формулацијата „најмногу четири минути“ пропишува горна, но не и долна граница на платеното политичко рекламирање, што доведува до различна примена на законот, истакна Ристовска.

ДКСК препорачува во овој член да се користи јасен и недвосмислен јазик, за да се избегнат можни злоупотреби и нееднаквост во третманот на политичките субјекти.

Вториот ризик, според Комисијата, произлегува од неусогласеноста меѓу член 75-ѓ став 1 и член 2 точка 14 од Поимникот на Изборниот законик, каде што различно се наведуваат учесниците во изборната кампања.

„Кога станува збор за платено политичко рекламирање, членот 75-ѓ не ги опфаќа сите што се дефинирани како учесници во кампањата, рече Ристовска.

Затоа, ДКСК препорачува усогласување на двата члена за да се обезбеди доследност и еднаков третман на сите политички субјекти и кандидати.

Третиот ризик се однесува на член 75-ѓ став 12, кој го регулира рекламниот простор во електронските и печатените медиуми.

Според сегашната формулација, до 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми партии од власта и исто толку на двете најголеми опозициски партии, 7% на помалите парламентарни партии и 3% на оние што не се застапени во Собранието.

Ристовска истакна дека и овде е потребно усогласување на терминологијата, бидејќи членот 75-ѓ став 13 пропишува обврска медиумите да обезбедат рамномерен пристап за сите учесници во изборниот процес, што е во судир со ограничувањата од ставот 1.

ДКСК препорачува прецизирање и усогласување на овие одредби за да се избегнат правни недоречености и да се гарантира еднаквост во медиумското претставување за време на изборните кампањи.

CATEGORIES
TAGS
Share This