ДИСКО ВЕЧЕР ВО МАКЕДОНСКАТА ОПЕРА И БАЛЕТ – Симфониски хитови од 70-тите и 80-тите
Домашни и странски солисти со Оркестарот на МОБ и Националниот џез оркестар

Македонската опера и балет (МОБ) вчера и денеска од 20 часот го организира традиционалниот концерт по повод празникот Василица, годинава насловен „Диско вечер“. Настанот нуди современа интерпретација на најпознатите диско и поп хитови од 1970-тите и 1980-тите години.
МОБ истакнува дека овие хитови ќе прозвучат во симфониски аранжмани, кои не претставуваат само носталгично враќање кон минатото, туку и творечко преосмислување на музиката. Публиката ќе може да ги слушне делата на светски признати изведувачи како Глорија Гејнор, Дона Самер, АББА, Би Џис и Мајкл Џексон, но во ново руво и со проширени симфониски аранжмани сместени во современа концертна естетика.
Концертот создава мост меѓу жанровите и генерациите, поврзувајќи ја популарната култура со класичната музичка сцена, и ја нагласува отвореноста на МОБ кон современите културни текови, со програми кои се квалитетни, иновативни и достапни за пошироката публика.
Солисти ќе бидат домашни и странски пејачи: Џудит Н. Беноа (Велика Британија), Даниел Ситрит и Мартин Лин (Данска), Клара Лукас (Германија) и Ана Петановска (Македонија). Настапуваат Оркестарот на Националната опера и балет и Националниот џез оркестар.
Режисер на концертот е Дејан Прошев, диригент Емин Џијан, сценограф и автор на видеодизајнот Марија Ветероска, а светломајстор Милчо Александров.


