ДИРЕКТОРОТ НА НОБ ЗА СУДИРОТ СО ПЕТРУШЕВСКА – Не можам да дозволам нарушување на работните процеси
Директорот Арсовски обвинува дека обоистката врши мобинг врз колегите и дека постоеле бројни поплаки

Комисија во Националната опера и балет (НОБ) ќе ја разгледува дисциплинската постапка за обоистката Татијана Петрушевска, која на 16 јануари привремено беше суспендирана од работа од страна на директорот Оливер Арсовски. Одлуката за суспензија следуваше по нарушување на работниот процес за време на проба на оркестарот со диригентот Едуард Амбарцумјан.
Петрушевска и директорот Арсовски денеска дадоа спротивставени изјави за медиумите во врска со причините за нејзината суспензија, како и за меѓусебни обвинувања за мобинг. Обоистката изјави дека има поддршка од Синдикатот за култура (СКРМ) и ќе биде застапувана од адвокат. Таа смета дека суспензијата е незаконска и тенденциозна.
Таа посочи дека одлуката да ѝ се забрани влез во институцијата, каде што работи 30 години, и казнувањето со намалена плата за наредните шест месеци претставуваат самоволие на директорот. Петрушевска тврди дека таа и други вработени една година трпат тортура и мобинг, а атмосферата во МОБ е нездрава.
„Во образложението се наведува дека колега и диригентот ме обвинуваат дека со своето арогантно однесување создавав нездрава работна атмосфера. Дали тоа значи дека е ароганција ако во процесот на создавање уметничко дело жестоко дебатираме? Дали како уметник немам право да ги искажам своите ставови? Овие одлуки се надвор од ингеренциите на директорот и ја потврдуваат неговата потреба да покаже надмоќ“, изјави Петрушевска.
Од своја страна, директорот Арсовски тврди дека Петрушевска врши мобинг врз колегите во оркестарот веќе неколку години и дека постоеле поплаки од други диригенти и музичари. Суспензијата е привремена и важи додека се завршуваат пробите за балетската претстава „Мадам Бовари“, на чие место ќе свири друг обоист.
„Нема казна во овој момент, чекаме дисциплинската комисија да одлучи. Улогата на управата е да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди. Диригентот е водечки авторитет во оркестарот и нема да дозволам нарушување на работните процеси и непочитување на хиерархијата“, рече Арсовски.
Тој нагласи дека Петрушевска е извонреден музичар и дека суспензијата не е отказ. Но, според него, таа често покажува нетрпеливост и прави испади, за кои досега имал десетина разговори со неа. Арсовски ги нарече невистинити тврдењата на Петрушевска и рече дека со нив се нанесува штета на угледот на НОБ, институција со над 500 вработени која функционира со јасна хиерархија и почитување на работната етика.
Директорот додаде дека тврдењето за намалување на платата не е точно, освен ако тоа законски не се предвидува за време на суспензијата. Тој исто така оцени дека синдикатот СКРМ реагирал избрзано и апелираше синдикатот да ги штити правата на колективот, без да потпаѓа под влијание на поединци. Арсовски пренесе и дека оркестарот изразил незадоволство од јавната реакција на синдикатот, кој објавил информации за суспензијата пред да започне правната постапка.

