ДИПЛОМАТСКА КРИЗА ОКОЛУ ГРЕНЛАНД – Започнаа преговорите меѓу три страни
Високи претставници од трите земји го разгледуваат американското присуство на островот

Функционери од Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд започнаа преговори за надминување на дипломатската криза предизвикана од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на контрола над островот, соопшти данското Министерство за надворешни работи.
Министерството во писмена изјава за Ројтерс информира дека високи претставници од трите земји се состанале за да разговараат за загриженоста на САД околу безбедноста во Арктикот, при што се почитуваат „црвените линии“ на Кралството Данска.
Данските претставници истакнаа дека се подготвени за преговори и соработка со САД, но дека суверенитетот на Гренланд не смее да биде доведен во прашање.
Преговорите се најавени како професионален и транспарентен процес, со цел постигнување договор што ќе ги задоволи сите страни.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно изјави дека САД имаат воспоставено процес за Гренланд и дека ќе се одржат технички состаноци со данските и гренландските претставници.

