Дипломатијата е занает, не може секој да биде амбасадор

На времето, кај Ердоган, за амбасадор беше испратен директорот на Поштата во Битола. Нема информации, ама може да се замисли каква дипломатска катастрофа беше тоа. Или, барем, колкава утка.

Дипломатијата е занает, не може секој да биде амбасадор

Kолумна, Национал
Амбасадор Ристо Никовски
Петок, 20 јуни 2025 година

Веќе е потврдено дека истакнат доктор ќе биде новиот амбасадор во Париз. Ова е прв посериозен знак дека и новата власт забегува со злоупотреба на надлежностите, и на сметка на клучните интереси на државата. До сега, власта можеше да се пофали дека, по повеќе години на капитулации и предавства на фундаменталните интереси на македонскиот народ, започна жестоко да се бори за тоа што е клучно за оваа наша држава. Факт е дека се обидуваат да ги стават на место работите коишто речиси плански беа разместувани, со јасна цел да се разнебити народот. И, не беше така само во последниве шест, седум години.

Денес, објективно, клучните проблеми на Македонија се од – дипломатски карактер. Тоа не значи дека ги немаме и дома, и тоа крајно сериозни и од сите аспекти. Меѓутоа, и по 30-тина години на самостојност, државата е се’ уште – непризната, оспорена, неприфатена… Тоа е резултат на  конкретно сценарио на меѓународниот фактор. Токму затоа, државата е прекрстена а народот обезличен. Целта е прецизна – дефинитивно да се затвори вековното „Македонско прашање“, а тоа значи бришење на македонскиот народ. Бугаризацијата, на којашто инсистира Софија, не е случајна.

Македонија се’ уште не е целосно етаблирана на меѓународната сцена. Се’ уште нѐ држат во планирана полу – изолација. Евро интеграциите ни се намерно блокирани. Тоа е долгорочно сценарио со коешто се спречува нашиот севкупен социјален и економски развој. Моментално, за таа цел сме под жестока бугарска агресија, широко поддржана од Унијата. Излез од ќор-сокакот и темниот тунел е можен само преку дипломатски решенија, коишто мораат да бидат радикални.

Дипломатијата, пак, е занает и со оглед на предизвиците со коишто сме соочени, на тој план ниту можеме, а уште помалку смееме – да импровизираме. Нив не може да ги решаваат доктори, инженери, архитекти… та биле тие и од светски калибар. Потребни се професионалци.

На полето на дипломатијата, Франција е еден од главните центри каде се решава нашата судбина, пред се’ како народ. Факт е дека Париз, во однос на Македонија, игра нагласено негативна улога. Ткн. „француски предлог“ беше катастрофален; директно ги блокираа нашите преговори со ЕУ, во 2019 година; сите „добронамерни“ пораки од таму беа на наша штета… Затоа, во Париз ни треба искусен мајстор којшто ќе ги оправа работите, и ќе ни отвора перспективи. Чинам дека подолго време и немаме амбасадор таму, што може да се оцени и како своевидна саботажа на македонските национални интереси.

Амбасадор во Париз не може да биде секој, без оглед колку лично му се повти. Одговорна личност, и кога му нудат работа за која не е стручен – треба да ја одбие. Докторот е сигурно добро информиран и мора да му е јасно дека иднината на Македонија во добар дел ќе се решава токму во Париз. А последните години, сите нивни политики беа отворено против нашите интереси. Очигледно е дека ваква каква што е, Македонија не се вклопува во нивните регионални или пошироки интереси. Веројатно најточна е дијагнозата дека Париз, сосема некритички, се солидаризира со политиките на главниот светски фактор.

Затоа, логично се наметнува прашањето: како нашиот истакнат доктор, чијашто професионална кариера е сигурно за почит – ја замислува својата функција во Париз? Има ли претстава што го чека таму? Како одговорна личност, што секако е – знае ли што и како ќе треба да работи? Има ли план за тоа?

Не е јасно како може да се прифати некоја задача, во конкретниов случај клучна за државата, а да се нема поим што значи таа, што се бара од тебе за да ја исполниш, и слични предиспозиции – да не ги редиме. Освен, ако новата функција не е добиена како несоодветна награда? За споредба, и кога се распишува конкурс за чувар на објект, се бара претходно искуство. Не е спорно дека крајната одговорност е на власта.

Македонија нема дипломатија со која може да се гордее. На тој план мора уште многу да се учи, а силен е впечатокот дека претходните 30-тина години не ги искористивме. Тоа е еден од најстарите занаети и за да се совлада треба многу време, многу искуство, долги и длабоки подготовки, организирање на системи за постојано усовршување, тестови, испити, професионализација на службата… Ние немаме направено речиси ништо од сето тоа. Меѓутоа, во МНР, сигурно има повеќе личности коишто би биле далеку посоодветни да бидат во Париз, токму заради нашите сегашни потреби, ама и заради понатамошно усовршување. Ако сака да успее, Македонија мора да планира долгорочно.

Не е лесно да се разбере јазикот на дипломатите, да се прочитаат нивните пораки… На Далекиот Исток, на пример, никогаш не велат – не! Тоа го кажуваат на различни начини. Во Индонезија има дури 17 модели за тоа! Западните дипломати се исто така софистицирани. Дијалогот со нив не е едноставен. Медицински кажано, нема терапија без дијагностика. Или, ќе биде погрешна.

На времето, кај Ердоган, за амбасадор беше испратен директорот на Поштата во Битола. Нема информации, ама може да се замисли каква дипломатска катастрофа беше тоа. Или, барем, колкава утка.

Не е спорно дека амбасадорските функции се атрактивни, не само во земји како нашава. Секаде каде што дипломатијата не е чисто професионална, каде има и „нафрлувања од страна“, има злоупотреби. Таков е случајот и во САД, за разлика од Франција, Велика Британија… каде такви случаи нема, или се многу ретки, заради посебни потреби. За САД, пак, тоа не е никаков проблем. Во нивните амбасади има десетици дипломатски „волци“ и таму не е тешко амбасадор да биде кој било. А тие што се испраќаат, се лица со големо општествено искуство.

Во македонските амбасади, покрај амбасадорот, обично има уште двајца дипломати и прашање е какво е и колкаво нивното искуство?

Социјализмот, или комунизмот, како светски процес, пропадна пред се’ заради лошата кадровска селекција. Не се избираа најдобрите, туку најподобните, коишто и го урнисаа.  Затоа, крајот беше – неизбежен. Кина е исклучок и стана светско чудо. Денес, селекцијата на кадрите во Македонија е, најблаго речено – загрижувачка. И оваа власт ќе мора да се докажува. Изборот за Париз, не е добар показател. Напротив.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This