ДИЈАЛОГ СО РУСИЈА ЌЕ ИМА – Но не сега, вели Кошта

Претседателот на Европскиот совет ја исклучи можноста за разговори за енергетика, најавувајќи дијалог за безбедност и мир во Украина во иднина.

ДИЈАЛОГ СО РУСИЈА ЌЕ ИМА – Но не сега, вели Кошта
Фото: Принтскрин

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека на Европската унија ќе ѝ биде потребен дијалог со Русија за Украина и за европската безбедност, но тоа нема да се случи веднаш. Според него, разговорите ќе бидат потребни во иднина, исклучиво за прашања поврзани со мирот и безбедноста, а не за енергетскиот сектор.

„Мислам дека ќе мора да разговараме со Русија во иднина. Не за енергетика, туку за европската безбедност и мирот во Украина. Тој ден ќе дојде, но не сега“, рече Кошта, пренесува шпанската агенција Europa Press.

Претходно, белгискиот премиер Барт де Вевер посочи дека е потребно да се обнови дијалогот со Русија за увозот на енергија, особено во услови на глобална криза. Тој го нарече дијалогот со Москва „единствено решение“ и повика на преговори за украинското прашање.

Од своја страна, Русија постојано нагласува дека одбивањето на Западот да купува руски енергетски производи била голема грешка и дека тоа ќе го направи уште позависен од скапи алтернативи. Москва предупреди дека земјите кои ги отфрлија руските производи ќе мора да продолжат да купуваат јаглен, нафта и гас преку посредници, но по повисоки цени.

CATEGORIES
Share This