ДЕСЕТ ЗЕМЈИ ПОДГОТВЕНИ ДА ИСПРАТАТ ВОЈСКА ВО УКРАИНА – Британија и Франција најавуваат стотици војници
САД, пак, се очекува да придонесат со разузнавачки податоци, надзор на границите, транспорт на оружје и евентуално со системи за воздушна одбрана.

Околу десет европски земји се подготвени да испратат војници во Украина како дел од мировен пакет по завршувањето на конфликтот, јавуваат извори запознаени со состојбата. На седницата одржана во вторник, 19 август, европските претставници дискутирале за распоредување британски и француски војници на украинска територија.
Според Блумберг, планот за безбедносни гаранции предвидува западните земји во првата фаза да помогнат на Украина преку „обука и зајакнување“ на армијата. Очекувањата се дека „мултинационална група“ составена претежно од европски војници ќе обезбедува логистичка и техничка поддршка. Велика Британија и Франција веќе изразиле подготвеност да испратат стотици војници.
САД, пак, се очекува да придонесат со разузнавачки податоци, надзор на границите, транспорт на оружје и евентуално со системи за воздушна одбрана.
Според Гардијан, британските власти разгледуваат и опција за испраќање војници во рамките на т.н. „коалиција на подготвените“, која би била задолжена за обезбедување на воздушна и поморска одбрана, но без директно учество на фронтот.
Политико пренесува изјава на европски дипломат според кој ЕУ стравува дека британско-француската иницијатива може да се соочи со сериозни предизвици поради внатрешните политички слабости и економските тешкотии во овие земји.


