ДЕНЕС НОВА РУНДА ПРЕГОВОРИ ВО ИСТАНБУЛ Русија со конкретен предлог за прекин на огнот

Според дипломатски извори, Украина веќе и доставила на Русија нацрт-меморандум за потенцијално решение, а денеска се очекува и официјалната презентација на руската верзија.

ДЕНЕС НОВА РУНДА ПРЕГОВОРИ ВО ИСТАНБУЛ Русија со конкретен предлог за прекин на огнот
Фото: Принтскрин

Во пресрет на новата рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина, која денеска треба да се одржи во Истанбул, Москва испрати јасна порака до Киев, очекувајќи сериозен одговор на нејзините предлози и услови за евентуален прекин на огнот.

Рускиот заменик министер за надворешни работи, Андреј Руденко, изјави за агенцијата Спутник дека Русија ќе претстави свој меморандум за време на разговорите, кој ќе содржи конкретни предлози поврзани со условите за прекин на огнот.

„Претседателот Владимир Путин нагласи дека овој документ ќе ги опфати клучните прашања за идниот развој на ситуацијата и ќе послужи како основа за понатамошни преговори – истакна Руденко на конференцијата „Русија и Кина: Соработка во нова ера“, која се одржува во Пекинг.

Тој додаде дека Москва очекува украинската страна со сериозност да пристапи кон овие предлози.

Втората рунда од преговорите меѓу двете делегации е закажана за денеска во истанбулската палата Чираган, со почеток во 12:00 часот по средноевропско време. Руската делегација пристигна во Истанбул уште во неделата вечерта, додека украинската делегација, според извештаите од украинските медиуми, пристигна денес.

Според дипломатски извори, Украина веќе и доставила на Русија нацрт-меморандум за потенцијално решение, а денеска се очекува и официјалната презентација на руската верзија.

CATEGORIES
Share This