ДЕН ПО ПАРАДАТА ВО МОСКВА ЕВРОПСКИ ЛИДЕРИ ВО КИЕВ Европската Унија обединета зад Украина
Посетата на европските лидери се гледа како обид да се засили меѓународниот притисок врз Русија и да се демонстрира единство пред продолжената агресија.

Четворица водечки европски лидери денеска пристигнаа во Киев, еден ден по традиционалната воена парада во Москва, во потег што се оценува како силен сигнал на солидарност со Украина во контекст на руската инвазија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и полскиот премиер Доналд Туск се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во главниот град на Украина. Ова е прва посета на канцеларот Мерц на Украина и првпат сите четворица европски лидери да се наоѓаат заедно во Киев.
Во заедничката изјава објавена од британската влада, лидерите ја нагласија својата поддршка за Украина и осудија, како што ја нарекоа, „бруталната и нелегална руска инвазија“. Тие исто така ја изразија својата поддршка за мировниот план предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, повикувајќи на итен прекин на огнот и повлекување на руските сили.
„Стоиме во Киев заедно, во обединет фронт на поддршка за Украина и нејзиниот суверенитет,“ се наведува во изјавата.
Макрон потврди дека за време на посетата ќе се одржи состанок на „коалицијата на подготвените“ – неформална група на држави подготвени да понудат мировни трупи и безбедносни гаранции во случај на договор за прекин на огнот. Дел од учесниците во коалицијата ќе се приклучат виртуелно, пренесува Гардијан.
Иницијативата доаѓа веднаш по повикот на Трамп за „безусловен 30-дневен прекин на огнот“, за кој САД и нивните европски сојузници активно подготвуваат предлог. Киев веќе во март изрази подготвеност да прифати ваков прекин на огнот, под услов Москва да го стори истото. Меѓутоа, Кремљ досега го одбива предлогот, барајќи отстапки од Украина, вклучително и запирање на странската воена помош.
Посетата на европските лидери се гледа како обид да се засили меѓународниот притисок врз Русија и да се демонстрира единство пред продолжената агресија.


