ДЕДО МРАЗ ДОЈДЕ СО ВОЗ ОД ЛАПОНИЈА ВО СКОПЈЕ – Радост за најмладите
Публиката ќе го следи пристигнувањето на Дедо Мраз со волшебен воз и ќе ужива во театарска претстава и музејска поставка

Специјалната новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ започнува денеска, 20 декември, на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата е резултат на соработка меѓу Училиштето за театар „Од игра до претстава“, ЈП Македонски железници – Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе има можност да го проследи спектакуларното пристигнување на Дедо Мраз од Лапонија со неговиот волшебен воз во срцето на Скопје. Приказната се одвива на неколку различни локации и вклучува музејска поставка на Македонски железници, театарска претстава во салон, како и посета на волшебниот воз, каде секое дете ќе добие подарок од Дедо Мраз.
Како посебен куриозитет, годинава во соработка со МЖ Транспорт ќе биде вклучен и легендарниот реставриран воз „Шпанец“, во кој се пренесува новогодишната магија. Посетителите ќе имаат можност да патуваат низ Скопје и да се дружат со ликовите од претставата. Приказната ги следи патешествијата и препреките со кои се соочува Дедо Мраз на патот до Железничката станица во Скопје, при што му помагаат неговите елени, џуџињата, Снешко, а најмногу децата.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, додека текстот и режијата се на Игор Ивковиќ. Реставрацијата и музејската изложба се дело на Ванчо Милошевски.
Во претставата настапуваат актерите Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова и Александар Спироски, заедно со околу 40 ученици од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелниот идентитет е на Бранкица Јордановска во соработка со Горан Сачкарски, музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата ја потпишува Андреј Златаноски.
За потребите на претставата ќе бидат користени автентични железнички експонати: локомотива од 1942 година (серија 33), реставриран вагон од 50-тите години, уреден по урнекот на „Ориент експрес“, како и неодамна обновениот воз „Шпанец“ од серијата 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничката станица Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервации се вршат на е-пошта dedomrazdojdesovoz@gmail.com или на телефон 075 295 905.


