ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ СЕ СВЕДОШТВО ЗА ЕДНА ГОЛГОТА Продолжуваме заедно во борбата за Македонците од Егејот
Ние мора да ја продолжиме нашата борба за правата на Македонците каде и да живеат и веруваме дека промените ќе се случат.

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев оствари работна средба со раководството на Републичкото здружение на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија кое е најстарото (основано 1985 година) најмасовното и најсилното здружение на нашинците со потекло од Беломорска Македонија.
Единствена Македонија и Републичкото здружение на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија во иднина ќе се усогласуваат, координираат и преземаат заеднички активности од значење за Македонија, македонскиот народ и во тие рамки и Македонците во егејскиот дел од Македонија.
Денешната средба има големо значење бидејќи се работи за две организации кои во основа преземаат активности во интерес на Македонија, македонскиот народ, Македонците во соседните земји, Македонците во светот и во тие рамки и Македонците во егејскиот дел на Македонија.
Незамисливо и неприфатливо е во денешно време Македонците од егејскиот дел на Македонија да не ги уживаат основните човекови права иако Грција е потписник на бројни меѓународни спогодби од областа на човековите права, дотолку повеќе, на денешниот степен на развој на меѓународното право човековите права се издигнати на ниво на апсолутно задолжително меѓународно право познато во јавноста како јус когенс норми кои што државите се обврзани да ги почитуваат.
Ние мора да ја продолжиме нашата борба за правата на Македонците каде и да живеат и веруваме дека промените ќе се случат. Светот се менува, Европа се менува, промените на геополитичка основа се случуваат и веруваме дека и ние Македонците во рамките на тие промени ќе ги оствариме нашите витални интереси.
Децата бегалци се сведоштво за една голгота низ која поминал нашиот македонски народ. Да не се повтори. Со здружени сили во одбрана на македонските интереси. Да се обединиме на македонски!


