ДДВ-ТО ПАДНА, НО ЦЕНИТЕ СЕ УШТЕ РАСТАТ – Мицкоски откри која е следната мерка

Целта е помали трошоци за граѓаните и повисоки примања за вработените.

ДДВ-ТО ПАДНА, НО ЦЕНИТЕ СЕ УШТЕ РАСТАТ – Мицкоски откри која е следната мерка
Фото: Влада

Владата ја следи состојбата со цените на нафтата и доколку продолжи растот на берзите по истекот на двонеделната мерка за намалување на ДДВ-то од 18% на 10%, следната мерка ќе биде намалување на акцизите и маржата, односно намалување на трошоците за складирање и транспорт.

„Ќе ја следиме состојбата и, врз основа на тоа, во периодот што следува ќе интервенираме“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на новата трафостаница „ТС Централна“ во Скопје.

Тој нагласи дека ова намалување на ДДВ-то од буџетот за следните две недели е мерка што не ја има ниту една друга држава во Европа.

Во однос на зголемувањето на платите во јануари, според податоците на Државниот завод за статистика, премиерот рече дека секогаш треба повеќе, но Владата се труди да обезбеди помали трошоци за живот и повисоки примања за вработените.

„Апсолутно радува податокот дека продолжува трендот на раст на платите, вклучително и во јануари. Дали е тоа доволно? Не, секогаш треба повеќе. Нашата цел како Влада е да обезбедиме што помали трошоци за живот и повисоки примања кај вработените. Тоа е прв приоритет и ќе продолжиме да се однесуваме така и во иднина“, истакна Мицкоски.

На прашање за можен раст на цените на храната, тој посочи дека 30 тима од Државниот пазарен инспекторат се на терен и, доколку забележат непазарно однесување, Владата ќе преземе мерки.

„Триесет тима од Државниот пазарен инспекторат се на терен. Одредени опозициони претставници манипулираат со тоа дека посетуваат разни маркети, но се гледаат сите трошоци и врз основа на тоа носиме стратегија и политика. Таму каде што ќе видиме непазарно однесување, ќе дејствуваме како Влада“, додаде Мицкоски.

CATEGORIES
Share This