ДДВ 2026 – Кој треба да се регистрира и како да го стори тоа
Рокот е 15 јануари 2026; УЈП може службено да ја прекине регистрацијата во одредени случаи

Управата за јавни приходи (УЈП) потсетува дека сите правни и физички лица кои во 2025 година оствариле вкупен промет над 2.000.000 денари од оданочив промет на добра и услуги имаат законска обврска да поднесат Пријава за регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01).
Обврската важи и за физички лица кои изнајмуваат деловен простор, даваат менаџерски, правни, економски, инженерски или занаетчиски услуги, држат приватни часови и продаваат земјоделски производи или вршат друг оданочив промет ако нивниот промет во 2025 година го надминал законскиот праг.
Важно за пресметка на прометот е дека се вклучува прометот од продажба на добра и услуги. Не се вклучуваат промети ослободени од ДДВ без право на одбивка, како што се изнајмувањето на станбен простор за живеење, здравствени услуги, осигурување, учење странски јазици, меѓународен превоз на патници и сл.
Не се пресметуваат услуги кон странски даночни обврзници кои не подлежат на ДДВ, како консултантски, адвокатски и ИТ услуги. За оние кои започнале со работа во текот на годината, годишниот промет се утврдува така што се пресметува просечниот месечен приход, кој потоа се множи со 12.
Пример: Лице кое од јули 2025 година остварувало месечен приход од 200.000 денари, на годишно ниво достигнува 2,4 милиони денари и така добива обврска за ДДВ регистрација.
Начини на поднесување се електронски преку системот e-tax, лично во организациските единици на УЈП и по пошта.
Физичките лица – ДДВ обврзници треба да обезбедат дигитален сертификат (USB токен) за електронско потпишување на пријавите.
Обврзниците кои не оствариле промет над 2.000.000 денари и поминале најмалку три години од регистрацијата, можат да поднесат Пријава за отповикување на ДДВ регистрацијата (ДДВ-01Б). Исто важи за оние кои во последните две години имале промет под законскиот праг и не искажале претходен данок за одбивање.
Краен рок: 15 јануари 2026 година. УЈП исто така може службено да ја прекине ДДВ регистрацијата ако се утврди: непријавување промет, неподносување даночни пријави, недостапност на обврзникот на пријавената адреса или даночно затајување.


