ДАЛИ УНИФОРМАТА И ПУШКАТА СЕ ПОМАЛКУ ЦЕНЕТИ ОД ФУСТАНОТ И ЧЕВЛИТЕ Родовата еднаквост во Армијата сè уште е само на хартија
Жените офицери, подофицери и цивилни лица имаат пократки или подолги пензиски права во зависност од законот, што создава неправда.

Независниот синдикат на професионалните војници преку соопштение до јавноста регира на како што велат Родова НЕеднаквост која била реалност во одбраната, наместо родовата едаквост која е само на хартија. Во соопштението се вели:
„Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со претседателката Гордана Сиљановска – Давкова на 31 октомври се обратија на одбележувањето на 25 – годишнината од усвојување на Резолуцијата на 1325 на Обединетите Нации – Жени, мир и безбедност. Резолуција која според министерот за одбрана треба да донесе правична родова застапеност и создавање на еднакви услови за развој во кариера на жените и мажите во Министерството за одбрана и во Армијата.
Но ова е само напишано на хартија и се одбележува 25 години од нереална родова еднаквост во Армијата. За жал во Армијата и министерството за одбрана има Родова НЕеднаквост која се спроведува секојдневно зад затворените врати на касарните и воените објекти. Еднаквите услови за развој во кариерата и застапеноста во работните задачи на жените во Армијата не се подобрени во однос на мажите и тоа е факт и вистина која долго време се затскрива од јавноста.
Жените во Армијата се се уште жртви на нееднакви права во сите категории и меѓу професионалните војници, и меѓу офицерите, подофицерите и цивилните лица. Нееднаквиот однос на жените и родовата нееднаквост во Армијата стигна и до Неависниот синдикат на професионалните војници СО од страна на дискриминираните припаднички на Армијата.
Поради оваа непроменлива ситуација која е на штета на кариерите и условите за работа на жените во Армијата , синдикатот поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за утврдување на дискриминација врз основ на род – родова нееднаквост.
За да биде уште појасна ситуацијата за граѓаните за родовата нееднаквост во Армијата , Ве информираме дека има нееднаквост и во родот со двата закони во Армијата и МО кои ги дискриминираат жените – работници во Армијата и МО врз основ на работните односи.
Имено, согласно Законот за служба во Армијата жените офицери, подофицери и цивилни лица можат да остварат право на пензија со 38 години стаж во Армијата, а жените според Законот за вработените во одбраната – цивилни лица можат да остварат право на пензија со 35 години стаж во министерството. Два закони кои се дел од една иста структура со две различни т.н. законски привилегии или непривилегии со кои се врши дискриминација врз жените во Армијата.
Затоа како еден од синдикатите во Армијата го прашуваме министерот за одбрана – Дали за министерството за одбрана е понеценета униформата, чизмата и пушката, отколку фустанот, чевлите и пенкалото ?!
Тие што секојдневно се на браникот на државата , за одбрана и безбедност на граѓаните се понижени со закон, за разлика од тие кои не носат оружје , униформа и чизми и не се во првиот ред на одбраната.
Ова е срамно славење на нешто што не постои, 25 години се слави нешто што не е мрднато ни чекор напред во еднаквоста на жените со мажите и во родова еднаквост во Армијата“ – се вели во соопштението на Независниот синдикат на професионалните војници.



