ДАЛИ СУДСКИОТ СОВЕТ ДЕЛЕЛ ОЦЕНКИ ОД РАКАВ Милошоски со докази за пропусти

Дополнителна критика упатува и заради тоа што на судии кои ги исполнуваат условите во моментот на избор, им било ускратено правото да учествуваат во процесот, со што, како што вели, биле дискриминирани.

ДАЛИ СУДСКИОТ СОВЕТ ДЕЛЕЛ ОЦЕНКИ ОД РАКАВ Милошоски со докази за пропусти
Фото: Принтскрин

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, остро го критикува последниот избор на судии за Апелацискиот суд во Скопје, посочувајќи на сериозни пропусти и можно прекршување на законите од страна на Судскиот совет.

Според Милошоски, целиот процес на селекција бил компромитиран, бидејќи записниците и ранг-листите не се потпишани од целосниот состав на Комисијата за рангирање – тело што, според Правилникот, мора да брои тројца членови. Во конкретниот случај, документи потпишале само двајца членови – Миљазим Мустафа и Ивица Николовски.

„Предложената ранг-листа е ништовна и врз неа не може да се заснова правото на избор на судии“, тврди Милошоски, додавајќи дека оценките биле дадени без образложение, а не се земени предвид ниту постигнувањата на кандидатите во изминатиот период.

Дополнителна критика упатува и заради тоа што на судии кои ги исполнуваат условите во моментот на избор, им било ускратено правото да учествуваат во процесот, со што, како што вели, биле дискриминирани.

Пратеникот посочува и на судски спор што еден од кандидатите го водел против постапката на оценување, обвинувајќи го претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, за непостапување по правосилна пресуда на Управниот и конечна одлука на Врховниот суд.

„И покрај тоа што бил известен пет месеци претходно, Камбовски не постапил по судската одлука, со што сторил кривично дело“, вели Милошоски, цитирајќи ја правната аргументација од решенијата на судовите.

На крајот, тој потсетува дека петмина членови на Судскиот совет добија недоверба од Собранието, што, според него, во иднина може да биде основа за оспорување на нивните одлуки – вклучително и последниот избор на судии.

Судскиот совет засега не се има огласено по овие обвинувања.

CATEGORIES
TAGS
Share This