ДАЛИ ИНТЕРНЕТОТ Е НАВИСТИНА ЗА СИТЕ – ФИНКИ ја откри вистината

Дигитализацијата како стандард и достапноста на интернетот за сите во фокусот на WebEmpower на ФИНКИ.

ДАЛИ ИНТЕРНЕТОТ Е НАВИСТИНА ЗА СИТЕ – ФИНКИ ја откри вистината
Фото: Принтскрин

Во време кога дигитализацијата станува стандард, а не избор, прашањето „дали интернетот е навистина достапен за сите доби конкретен одговор на дводневниот настан организиран на ФИНКИ, во рамки на проектот WebEmpower. Наместо класичен академски пристап, настанот отвори директен дијалог за реалната состојба на дигиталната пристапност во Северна Македонија.

Преку интерактивни сесии, работилници и меѓународна тркалезна маса, учесниците од институции, ИКТ секторот и граѓанските организации дискутираа не само за стандарди, туку и за конкретни предизвици со кои се соочуваат корисниците секојдневно.

„Дигиталната трансформација нема вистинска вредност ако не ги вклучува сите. Нашата цел со овој настан беше да ја придвижиме темата од декларативно ниво кон практични решенија и конкретни чекори“, изјави проф. д-р Граматиков, координатор на проектот.

Тој нагласи дека пристапноста мора да биде дел од секој дигитален процес и од дизајн до имплементација.

Особено внимание привлече тркалезната маса, на која меѓународни експерти споделија искуства од Европа и отворија прашања за позицијата на Северна Македонија во однос на примената на стандардите за веб пристапност.

„Дигиталната инклузија е клучен елемент на современите демократии. Европските искуства покажуваат дека пристапноста не е само техничко прашање, туку дел од поширока општествена одговорност“, истакна амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.

Тој ја нагласи важноста од усогласување со европските политики и практики.

Дискусиите се насочија кон практични решенија и од подобрување на јавните дигитални услуги до подигнување на свеста кај институциите и компаниите.

Маша Маловрх, експерт за веб пристапност, истакна:

„Пристапноста треба да се вгради уште во почетната фаза на развој, а не да се додава подоцна како корекција. Само така можеме да создадеме дигитални услуги што навистина функционираат за сите корисници.“

Настанот успеа да направи нешто што ретко се случува и да ги стави на иста маса креаторите на политики, техничките експерти и оние кои директно ги чувствуваат последиците од недостапноста. Во таа смисла, програмата не беше само едукативна, туку и повик за одговорност.

Проектот WebEmpower преку вакви активности има за цел да поттикне системски промени и да изгради нова култура на дигитален развој и онаа што не ги остава корисниците на страна.

Дводневниот настан на ФИНКИ не даде одговори на сите прашања, но јасно покажа една работа: дигиталниот напредок нема смисла ако не е еднакво достапен. И токму тука, дебатата дури сега започнува.

Проектот WebEmpower е поддржан од Министерството за дигитална трансформација на РСМ и финансиран од Центарот за меѓународна соработка и развој (CMSR) на Република Словенија, во рамки на програмата Slovenia Aid & Partnerships.

CATEGORIES
Share This