ДАЛИ Е НА РЕД ИРАН – Протестите прераснаа во отворено востание, една улица доби име Трамп, полицијата откажува послушност

Демонстрантите бараат промена на владата и симболично ја преименуваа улицата во Абданан во „Трамп“.

ДАЛИ Е НА РЕД ИРАН – Протестите прераснаа во отворено востание, една улица доби име Трамп, полицијата откажува послушност
Фото: Принтскрин

Масовните протести во Иран, кои траат повеќе од десет дена, добија карактеристики на отворено антивладино востание. Локални извори и објави на социјалните мрежи известуваат дека демонстрантите во градот Абданан го смениле името на една од улиците, давајќи ѝ го името на Доналд Трамп, што се толкува како симболичен чин на директен пркос кон властите во Техеран.

Првично започнати како економски протести, немирите брзо прераснаа во политичко движење со јасни барања за смена на владата. Сликите од теренот се шират низ Иран и регионот, привлекувајќи големо внимание од меѓународната јавност.

Извештаите од градот Илам укажуваат на необична ситуација – полицијата одбива да ги растера демонстрантите. Во Абданан, очевидци известуваат дека дел од полицијата се качиле на покривите на згради, од каде што им мавтале и аплаудирале на учесниците во протестите.

Според ирански извори, немирите се прошириле на 92 градови во 27 провинции, што претставува еден од најшироките бранови на протести во земјата во последните децении. Движењето започнало со штрајкови на претприемачи и трговци, но брзо добило масовна поддршка од граѓаните.

Немирите се случуваат во време на сериозна економска криза. Инфлацијата достигнува околу 50%, цените на основните прехранбени производи растат, а националната валута доживува драматична девалвација, што дополнително го влошува животниот стандард на населението.

Британскиот весник „Тајмс“ известува дека на врвот на иранската власт се чувствува сериозна нервоза. Врховниот лидер, Али Хамнеи, и покрај јавните пораки за стабилност, приватно се сомнева во способноста на режимот да ја одржи контролата. Исто така, се разгледува можност за негово повлекување, вклучително и евентуално заминување во Москва заедно со блиските соработници и финансиските средства.

Случувањата укажуваат дека Иран влегува во сериозна политичка нестабилност. Сè почестите примери на преминување на полицијата на страната на демонстрантите го поткопуваат авторитетот на централната власт и отвораат прашање дали режимот ќе успее да ја задржи контролата врз земјата.

CATEGORIES
TAGS
Share This