ЦВИЈАНОВИЌ ОД ДЕЈТОН Време е за враќање кон изворниот дух на Дејтонскиот договор
Посебна загриженост изрази за, како што рече, злоупотребата на правниот систем со политички мотивирани кривични постапки, кои ги таргетираат легитимно избраните претставници.

Српската членка и претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, денес од Дејтон, каде се одбележува 30-годишнината од потпишувањето на мировниот договор, порача дека е време за враќање кон суштинските принципи на Дејтон: согласност, уставност и рамноправна соработка меѓу народите и ентитетите во БиХ.
Во своето обраќање на собирот во Охајо, Цвијановиќ истакна дека договорот не ги поништил разликите, туку воспоставил рамка за заедничко функционирање, а дека денес таа рамнотежа е сериозно нарушена.
„Дејтон не наметна единство – тој даде структура. Тој беше договор меѓу страните, а не наметнат документ“, нагласи Цвијановиќ, додавајќи дека изминатите децении биле обележани со дејствување на неизбрани меѓународни претставници кои, според неа, го развлекуваат договорот по сопствено толкување и без вклучување на домашните актери.
Цвијановиќ остро ги критикуваше странските интервенции, особено улогата на актуелниот висок претставник Кристијан Шмит, обвинувајќи го дека дејствува без легитимитет и во спротивност со духот на Дејтон.
„Никој странец, кој не учествува на нашите избори, не го зборува нашиот јазик и не ги сносат последиците од наметнатите одлуки, нема право да ни диктира како да управуваме“, рече таа.
Посебна загриженост изрази за, како што рече, злоупотребата на правниот систем со политички мотивирани кривични постапки, кои ги таргетираат легитимно избраните претставници.
Цвијановиќ го поздрави ставот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и изрази надеж дека новата администрација ќе помогне БиХ да се врати кон демократијата заснована на Уставот и законот, наместо на, како што рече, „декрети и странски диктати“.
Таа подвлече дека Република Српска не го поткопува Дејтонскиот договор, туку го брани, и повика на враќање кон неговите оригинални принципи. Притоа посочи дека 21 ноември, датумот на потпишувањето на договорот, се слави како државен празник во Република Српска за разлика од другиот ентитет каде е работен ден што, според неа, ја демонстрира приврзаноста кон договорот.
„Подготвени сме за структуриран дијалог со сите страни. Ако Дејтон треба да се развива, тоа мора да се направи преку правни измени и со согласност на сите учесници“, порача Цвијановиќ.
На крајот, таа ја подвлече важноста на стратешкото партнерство со САД, особено во сферата на енергетиката и експлоатацијата на критични минерали, но под услови на уставност и транспарентност.
„Мирот беше можен во 1995 година затоа што сите страни беа слушани и почитувани. Истото е потребно и денес“, заклучи Цвијановиќ.


