ЦРВЕНИОТ КРСТ ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ПОСЛЕДНАТА ИСПЛАТА ЗА КОЧАНИ – 11,2 милиони денари на 18 повредени лица

Со последната транша, вкупната помош од Фондот на солидарност надмина 164,7 милиони денари

ЦРВЕНИОТ КРСТ ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ПОСЛЕДНАТА ИСПЛАТА ЗА КОЧАНИ – 11,2 милиони денари на 18 повредени лица
Фото: Национал

Црвен крст на Македонија на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од средствата собрани за помош на настраданите во пожарот во Кочани. Финансиската поддршка е распределена на 18 лица, класифицирани во две категории, во вкупен износ од 11.200.000 денари.

Исплатата е извршена врз основа на официјален список на повредени лица, изготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и проценката за понатамошниот тек на лекување. Проценката е направена од Комисијата при Министерство за здравство.

Со оваа трансакција, вкупниот износ на досега префрлени средства од Фондот на солидарност достигна 164.744.901 денар. Од Црвениот крст информираат дека, со цел целосна транспарентност и отчетност, е подготвен Извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на средствата на сметката на Фондот, за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е јавно објавен на веб-страницата на организацијата.

Во тек е и изработка на финален извештај, кој ќе го опфати преостанатиот период, а истиот ќе биде објавен најдоцна до 15 март годинава.

Од Црвениот крст упатија благодарност до сите донатори кои учествуваа во обезбедувањето хуманитарна помош за настраданите и нивните семејства. Воедно, организацијата најави дека и понатаму ќе продолжи со активности на терен, со посебен фокус на психолошка поддршка преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.

CATEGORIES
Share This