ЦРН ЧАД ОД ВАТИКАН Уште нема нов папа
Католичкиот свет, кој брои околу 1,4 милијарди верници, и натаму чека на наследникот на починатиот папа Франциск.

Од оџакот поставен врз Сикстинската капела попладнево се издигна црн чад, сигнализирајќи дека кардиналите сè уште не успеале да постигнат договор околу изборот на нов папа. Католичкиот свет, кој брои околу 1,4 милијарди верници, и натаму чека на наследникот на починатиот папа Франциск.
Конклавата започна денес попладне зад затворени врати, при што 133 кардинали помлади од 80 години го започнаа процесот на избор на 267-от поглавар на Римокатоличката црква. Иако беше одржано првото гласање, никој од кандидатите не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство, што е услов за избор.
Меѓу најсериозните фаворити се истакнуваат државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, потоа архиепископот на Болоња и претседател на Италијанската бискупска конференција, Матео Купи, како и кардинал Петер Турксон од Гана и кардинал Луис Антонио Тагле од Филипините.
Претходните две конклави во 2005 и 2013 година завршија по само два дена. Папата Франциск, кој беше избран на последната конклава во 2013 година, почина на 21 април годинава на 89-годишна возраст. Тој беше погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.
Процесот на избор продолжува утре, кога се очекува да биде одржано ново гласање пред пладне. Доколку некој од кандидатите ја добие потребната поддршка, од оџакот на капелата ќе се појави бел чад, а ќе заѕвонат и камбаните на базиликата Свети Петар – знак дека црквата добила нов водач.


