ЧУДО ВО ЧАИР 11-годишник гради милионска зграда дивоградба, на 12 години ја легализира
Таа додаде дека само во Чаир има над 13.000 предмети поврзани со легализација - повеќе отколку сите скопски општини заедно.

Град Скопје достави 20 случаи на сомнителни легализации на дивоградби до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Станува збор за цели згради, а не за помали објекти како тераси или гаражи, соопшти градоначалничката Данела Арсовска.
Според неа, во општина Чаир има над 150 вакви згради изградени без дозволи и соочени со сериозни прекршувања на законот. Секоја од тие градби, според проценките, вреди над еден милион евра, додека обврските за комуналии за една зграда надминуваат 1,5 милион евра. Вкупната финансиска штета, според Арсовска, достигнува 225 милиони евра – пари кои, како што рече, требало да завршат во градскиот буџет.
Арсовска обвини дека за оваа состојба бил свесен или требало да биде свесен и актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, заедно со негови соработници. Таа презентираше сателитски снимки од Катастарот од 2017 година, на кои спорните објекти не постојат, а потсети дека Законот за легализација се однесува само на градби изградени до 2011 година.
„Магично, во втората половина на 2023 година започнува изградба на една од зградите, која до 2024 веќе е 12-катница. Притоа, апликацијата за легализација е поднесена од Беким Аземи, брат на т.н. 15-годишен иноватор Бујар Аземи. Според документацијата, Беким ја изградил зградата во 2010 година, кога имал само 11 години, а следната година сам поднел барање за легализација“, иронично посочи Арсовска.
Таа додаде дека само во Чаир има над 13.000 предмети поврзани со легализација – повеќе отколку сите скопски општини заедно.
„Замислете колку од тие случаи се незаконски. Станува збор за сериозен ризик за безбедноста, неправда кон купувачите, и криминал кој ја оштетува државата“, порача Арсовска.
Според неа, ваквите згради се продаваат на граѓани кои не се свесни дека објектите се нелегални.
„Ова не е само административен проблем – ова е криминал“, потенцираше градоначалничката на Скопје.


