ЧЛЕНСТВО БЕЗ ГЛАС ВО ЕУ – Мит или реална опција за Македонија
Дебатата се засилува поради геополитичкиот контекст, особено по руската агресија врз Украина.

Во последната година, премиерот на Албанија, Еди Рама, повеќе пати пласираше теза дека Албанија би можела да стане членка на ЕУ до крајот на 2027 година, но без право на глас или како делумно интегрирана членка. Рама истакнува дека бенефитите за Албанија би биле поголеми од недостатокот на гласачки права. Слична информација минатите два дена ја пренесе и премиерот Христијан Мицковски, наведувајќи дека во одредени кругови во Брисел се разгледува можност Македонија, заедно со Украина, Албанија и Црна Гора, да се приклучи на ЕУ до крајот на 2027 година без право на глас.
Важно е да се нагласи дека идејата за „членство без право на глас“ не е официјална политика на ЕУ. Таа не произлегува од формална одлука на Европската комисија или Европскиот совет, туку е концепт кој постепено се развива во академски и тинк-тенк кругови како можно „прагматично решение“ за забрзано проширување.
Првите јасни формулации се појавуваат по 2018 година: францускиот експерт Пјер Мирел, поранешен висок службеник во Европската комисија задолжен за проширување, во анализа објавена од Фондацијата „Роберт Шуман“ предложи модел на „пробен период на членство“. Тој не зборува директно за членство без глас, но отвора врата за постепено стекнување на права.
Истата година, бриселскиот тинк-тенк Centre for European Policy Studies (CEPS) подготви документ во кој се предлага „постепена интеграција“ на кандидатските земји во институциите и политиките на ЕУ пред полноправното членство. Во следниот документ од 2021 година, авторите јасно ја артикулираат можноста за „целосно функционално учество без право на глас“ во одредена фаза.
Во јуни 2022 година, Европскиот совет во своите заклучоци го користи терминот „gradual integration“ и постепена интеграција за време на пристапниот процес, но без спомнување на членство без глас. Во ноември 2023, Европската комисија претставува План за раст за Западен Балкан, кој предвидува постепена интеграција во единствениот европски пазар и пристап до фондови, но не предлага нова категорија „втора класа членство“.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во декември 2023 година, на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, исто така го нагласува постепеното вклучување на земјите кандидатки, но без формално воведување на членство без право на глас.
Во 2024 и 2025 година, дебатата се засилува поради геополитичкиот контекст, особено по руската агресија врз Украина. Неколку тинк-тенкови, вклучително Институтот „Жак Делор“, предлагаат модели како „associate membership“ или „observer status“ – асоцирано членство или статус на набљудувач без право на глас. Но и овие идеи остануваат на ниво на академска и политичка дебата.
Договорите на ЕУ не предвидуваат категорија „членка без право на глас“. Правото на глас во Советот на ЕУ е основно право на секоја членка. Воведувањето на ваква формула би барало измени на договорите или специјални дерогации, што е сложено правно и политички.
Досега нема официјална одлука на Европската комисија, Европскиот совет или Европскиот парламент за прием на земја како полноправна членка без гласачки права. Она што постои е концептот на постепена интеграција и повеќе бенефити и пристап до пазарот и фондовите пред формалното членство, но без создавање на „втора класа“ членство.


