ЧЛЕН 27 ПОД ЛУПА – Забраната на вонредните студии е родово дискриминаторска вели Филипче
СДСМ бара повлекување на законското решение и вклучување на стручната јавност во дебатата.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција оцени дека дел од одредбите во предлог-законот за високо образование носат дискриминација и социјална неправда, особено кон жените. Како спорен го посочи членот со кој се укинуваат вонредните студии.
Според Филипче, забраната за вонредно студирање претставува социјално неправедна и родово дискриминаторска мерка, бидејќи го ограничува пристапот до образование за вработени лица, повозрасни студенти и лица со семејни обврски.
„Забраната на вонредните студии ќе има сериозни последици во родовиот контекст, бидејќи непропорционално ги погодува жените во образовниот сектор“ – истакна Филипче.
Тој дополнително посочи дека со член 27, став 6, со кој се предвидува забрана за вонредни студии за наставничките професии, директно се засегаат жените кои се обидуваат да ги усогласат семејните обврски со професионалниот развој.
Филипче упати апел до власта предлог-законот во ваква форма да не биде поднесен во Собранието.
„Доколку законот биде поднесен и власта продолжи со, како што рече, брутална партизација, елиминација на автономијата на универзитетите и кратење на можностите за младите, ќе иницираме јавна расправа. Стручната јавност треба да го каже својот став, за овој закон да не помине во оваа форма, туку да биде соодветно модифициран“ – порача Филипче.


