ЧЕТВОРИЦА ВО ТРКА ЗА НОВ ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ – Еден кандидат отпадна

За избор на нов државен јавен обвинител ќе бидат потребни најмалку 61 пратенички глас.

ЧЕТВОРИЦА ВО ТРКА ЗА НОВ ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ – Еден кандидат отпадна
Фото: Национал

Советот на јавни обвинители одлучи да го дисквалификува Владимир Панчевски од трката за државен јавен обвинител, откако утврди дека не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за јавно обвинителство.

Од Советот појаснија дека кандидатот мора да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на Панчевски му престанала функцијата пред 13 години, а во меѓувреме не извршувал ниту судиска ниту обвинителска функција. Поради тоа, неговото искуство не може да се смета за непрекинат стаж во смисла на законот, со што не се исполнуваат условите за кандидатура и тој нема да биде ставен на листата за гласање, соопшти Советот на јавни обвинители.

Панчевски во минатото беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувањата, поврзана со злоупотреби на АКМИС – електронскиот систем за распределба на судските предмети.

Во исто време, в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска доби позитивно мислење од членовите на Советот. Меѓу останатите кандидати се обвинителката Ленче Ристовска, судијата Ненад Савевски од Кривичен суд Скопје, како и обвинителката Лидија Раичевиќ од скопското обвинителство. Расправата по кандидатурите е во тек.

За избор на нов државен јавен обвинител потребни се најмалку 61 глас од пратениците во Собранието.

CATEGORIES
Share This