ЧАВИ ГО ОБВИНИ ЛАПОРТА – Тој го спречи враќањето на Меси во Барса

Поранешниот тренер на Барселона тврди дека трансферот бил договорен, но претседателот Жоан Лапорта го стопирал враќањето на аргентинската ѕвезда.

ЧАВИ ГО ОБВИНИ ЛАПОРТА – Тој го спречи враќањето на Меси во Барса
Фото: Принтскрин

Поранешниот тренер на Барселона, Чави Ернандес, откри детали за неуспешниот обид Лионел Меси да се врати во клубот по Светското првенство во 2022 година, тврдејќи дека трансферот бил практично договорен, но бил стопиран од претседателот Жоан Лапорта.

Во интервју за „Ла Вангуардија“, Чави изјави дека Меси сакал повторно да го облече дресот на Барселона и дека клубот имал дозвола од Ла Лига за негово враќање.

„Враќањето на Меси по Мундијалот во 2022 беше завршена работа. Лео го сакаше тоа, имавме дозвола од Ла Лига, но Лапорта го запре трансферот. Тој рече дека ако Меси се врати ќе има војна за плати. Меси никогаш нема да се врати во Барселона, едноставно затоа што Лапорта не го сака тоа“, изјави Чави.

Лионел Меси го носеше дресот на Барселона од 2000 до 2021 година и останува најдобар стрелец во историјата на клубот со 672 гола на 778 натпревари. Со каталонскиот гигант освои 10 титули во Ла Лига и четири во Лигата на шампионите.

Од 2023 година аргентинската ѕвезда настапува за Интер Мајами во американската МЛС, а во кариерата има освоено рекордни осум „Златни топки“.

Изјавите на Чави доаѓаат само шест дена пред претседателските избори во Барселона, на кои за челната позиција ќе се натпреваруваат актуелниот претседател Жоан Лапорта и неговиот противкандидат Виктор Фонт.

Ситуацијата дополнително се усложнува бидејќи тренерот Ханси Флик наводно најавил дека ќе го напушти клубот доколку Лапорта не биде реизбран, додека евентуалното враќање на Меси во Барселона се поврзува со победа на Фонт.

Чави, кој е еден од главните поддржувачи на Фонт, остро го критикуваше Лапорта, тврдејќи дека токму претседателот лично го блокирал враќањето на Меси во 2023 година, иако, според него, договорот бил веќе постигнат. Наводно, ваквата верзија ја потврдиле и лица блиски до аргентинскиот фудбалер.

По овие обвинувања, Лапорта возврати со остри зборови кон поранешниот тренер.

„Ме боли тоа што го кажал Чави. Да се биде претседател не е лесно, бидејќи мора да се носат тешки одлуки. Сфатив дека под негово водство ќе продолжиме да губиме. Факт е дека работите се променија по неговото заминување и играчите кои губеа со Чави сега победуваат со Флик“, изјави Лапорта.

Тој додаде дека Чави се обидува да создаде хаос пред изборите и дека зад неговите напади стои токму Виктор Фонт, кој, според Лапорта, се обидува да го дискредитира изборниот процес.

Актуелниот претседател изнесе и своја верзија за неуспешното враќање на Меси.

„Не можевме да го обновиме договорот на Меси од финансиски причини. Во 2023 година Чави ми кажа дека Меси сака да се врати. Му испративме договор на неговиот татко Хорхе Меси. Тој дојде во мојата куќа во мај и рече дека притисокот врз Лео ќе биде преголем, па повеќе би сакале да заминат во Интер Мајами“, изјави Лапорта за време на дебатата со Фонт.

CATEGORIES
Share This