ЦЕНИТЕ СТАБИЛНИ – Нема недостиг на нафта и деривати во земјава

Министерката притоа додава дека цените на гориво и прехранбени производи остануваат под контрола

ЦЕНИТЕ СТАБИЛНИ – Нема недостиг на нафта и деривати во земјава
Фото: Национал

Во моментов нема недостиг на нафта и нафтени деривати, ниту значајни ценовни шокови поврзани со актуелната криза. Според информации добиени преку засилени контроли на Државниот пазарен инспекторат, не се забележани сериозни отстапувања во цените, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско.

Министерката појасни дека Владата внимателно ја следи економската состојба и е подготвена навремено да реагира со соодветни мерки ако се појави потреба.

„Кај нас нема недостиг на гориво, граѓаните можат непречено да се снабдуваат, и нема основ за воведување рестриктивни мерки. Цените остануваат пониски во споредба со дел од регионот, што е важно за стандардот на граѓаните. Затоа, не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји без да ја земеме предвид нашата реална состојба“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа истакна дека клучниот предизвик во услови на глобална неизвесност, предизвикана од случувањата на Блискиот Исток, е непредвидливоста на кризата, при што ниту европските земји не можат да дадат точни проценки за времетраењето.

„На дневна основа функционираат повеќе од 30 инспекциски тимови кои ги следат состојбите низ целата држава. На терен не се забележуваат значителни промени во цените кај производителите, дистрибутерите и супермаркетите“, додаде министерката.

Таа нагласи дека најважно е стандардот на граѓаните да не се наруши.

„Иако наследивме огромен долг и не можеме да зборуваме за голема отпорност, приоритет ни се граѓаните. Владата секогаш ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита“, рече Димитриеска-Кочоска.

Во врска со одредени зголемувања на цените кај прехранбените производи, како маслото за јадење и јајцата, таа појасни дека тие се резултат на движењата на светските цени на суровините, а не на актуелната геополитичка состојба.

Во делот на фискалната политика, министерката истакна дека приоритет останува одржувањето на буџетскиот дефицит во планираните рамки, а доколку се појави потреба, ќе се бара простор за заштеди на непродуктивни трошења, со пренасочување на средствата кон приоритетите.

Владата е во постојана комуникација со стопанството и го следи евентуалниот притисок од увозните цени, но засега нема индикации за потреба од итни интервенции.

CATEGORIES
Share This