ЦЕНИТЕ РАСТАТ – Филипче вели владата доцни со мерките

Венко Филипче предупредува дека растот на цените на нафтата веќе удира по џебот на граѓаните.

ЦЕНИТЕ РАСТАТ – Филипче вели владата доцни со мерките
Фото: Национал

Претседателот на СДСМ Венко Филипче побара од Владата итно да ги зголеми државните резерви на нафта, оценувајќи дека тоа е клучна мерка за ублажување на ценовните шокови и заштита на стандардот на граѓаните.

Тој предупреди дека земјата се соочува не само со раст на цените на светските берзи, туку и со потенцијален недостиг на гориво. Според него, Владата задоцнила со реакцијата и не ги прифатила навреме предложените мерки од Социјалдемократски сојуз на Македонија, кои можеле да ги ублажат последиците.

Филипче повика на итно намалување на ДДВ за храна и горива, кратење на акцизите, како и преполовување на цените на патарините. Дополнително, апелираше Владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на стратешките резерви на нафта.

Како аргумент, тој посочи дека цените на суровата нафта на светските пазари, вклучително и Brent Crude и WTI, бележат драматичен раст од крајот на февруари, што директно се одразило врз домашните цени на горивата. Дизелот, како што истакна, поскапел за над 30 проценти.

Филипче нагласи дека ваквите трендови неизбежно влијаат врз сите сегменти од економијата и од транспортот и бизнис-секторот, до цените на основните прехранбени производи, кои веќе значително се зголемиле.

Тој ја обвини Владата дека не реагира навреме и дека со неефикасно управување ја продлабочува економската неизвесност во земјата.

CATEGORIES
Share This