ЦЕЦА ЈА ЗАПОЗНАВ НА ПАНАЃУР ПОД ШАТОР, СО КАЛ ДО КОЛЕНА Нада Топчагиќ за првиот настап на фолк ѕвездата
Во тоа време, Ражнатовиќ била средношколка, но нејзиниот талент не поминал незабележано. По тој настап започнала нејзината брза и успешна кариера.

Пејачката Нада Топчагиќ откри интересни детали од почетоците на музичката кариера на фолк ѕвездата Светлана Ражнатовиќ – Цеца, опишувајќи ја нивната прва средба на еден традиционален панаѓур во Смедеревска Паланка.
Како што раскажа Топчагиќ во емисијата „Цеца шоу“, нивното прво познанство се случило токму на Божиќ, на саем на кој присуствувале илјадници луѓе. Настанот се одиграл во време кога настапите под шатори биле вообичаена практика за фолк изведувачите.
„Цеца тогаш беше дете. Првата средба со неа беше на Божиќ, кога Србија буквално гореше од панаѓури. Нема клубови, сè се случуваше под шатори. Наш пријател, Раде Јеремиќ, дојде и ми рече дека една девојка сака да отпее неколку песни. Тогаш не можеше секој да се качи на бина – имаше по неколку илјади луѓе. Цеца излезе и отпеа 10 до 15 песни, публиката беше во транс“, раскажа Топчагиќ.
На социјалните мрежи неодамна се појави и видео од еден од нејзините настапи од тоа време, снимка од 1990 година на прослава во Велика Кршна. Настапот за кој зборува Топчагиќ, сепак, се случил две години претходно.
„Се сеќавам, врнеше, имаше громови, кал до колена. Но, ништо не нè спречуваше – публиката ја забавувавме до пет наутро. Цеца беше вистинска акробатка на тие панаѓури“, додава пејачката.
Во тоа време, Ражнатовиќ била средношколка, но нејзиниот талент не поминал незабележано. По тој настап започнала нејзината брза и успешна кариера.
„Имаше огромна публика, Цеца беше мало, невино девојче, но веќе тогаш беше јасно дека има харизма и глас за големи сцени. По тој настап, таа замина на училиште, а ние продолживме со настапите низ Сопот. Но, Цеца постојано беше следена од орди млади момчиња – сите сакаа да ја запознаат. Тоа беа нејзините вистински почетоци“, заклучи Нада Топчагиќ.


