ЦАРИНСКИОТ СУДИР ПРОДОЛЖУВА Трамп бара до 20% царини за увоз од ЕУ

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе бара воведување минимални тарифи од 15 до 20 проценти на увозот од Европската Унија, пренесува Фајненшл тајмс, повикувајќи се на извори блиски до трговските преговори меѓу Вашингтон и Брисел. Според CNBC, овие барања се резултат на засилениот притисок од страна на Трамп, кој го користи трговскиот суфицит на ЕУ со САД — вреден 198 милијарди евра — како клучен аргумент за воведување нови царини.
И покрај неколкунеделни преговори за рамковен договор, разговорите се заглавени, а крајниот рок што го постави Трамп — 1 август — се наближува. ЕУ се надеваше на договор сличен на оној со Велика Британија, кој подразбира основна царина од 10%, со одредени исклучоци. Меѓутоа, најавите за еднострано зголемување на тарифите ги заоструваат тензиите.
Од Брисел предупредуваат дека доколку не се постигне компромис, подготвени се да воведат царини за американска стока во вредност од 72 милијарди евра. Контрамерките би опфатиле производи како авиони „Боинг“, бурбон виски и автомобили. Во изминатиот викенд, Европската комисија привремено го одложи првиот пакет одговорни мерки насочени кон 21 милијарда евра американски извоз.
Од страна на ЕУ се истакнува дека трговскиот биланс не треба да се мери само преку стоки, туку и преку услуги и инвестиции, каде разликата е значително помала. Дополнително, Унијата се обврза на зголемување на увозот на американска нафта и гас како обид за ублажување на трговскиот јаз.
Во обид да се избегне економски судир, европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, оваа недела одржа интензивни разговори со своите американски колеги во Вашингтон. Засега, нема детали за напредокот, но двете страни остануваат под притисок — со рок од само неколку дена пред евентуалното активирање на царинската војна.


