ЦАРИНСКИ АКЦИИ НА ПОВЕЌЕ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ Пронајдени од ножеви и рибарски прибор, до маџун, облека, парфеми, тутун

Царинската управа апелира до сите патници да ги почитуваат законските обврски и да ја пријавуваат стоката која ја внесуваат во државата, со цел да се спречат вакви незаконски дејствија.

ЦАРИНСКИ АКЦИИ НА ПОВЕЌЕ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ Пронајдени од ножеви и рибарски прибор, до маџун, облека, парфеми, тутун

Успешни акции на македонската Царина во изминатиот период. Спречени неколку обиди за шверц на различни производи на граничните премини и аеродромите низ државата.

На Меѓународниот аеродром Скопје, државјанин на Обединетите Арапски Емирати, роден во Индија, се обидел да внесе во државата 76 непријавени парфеми со потекло од Дубаи. Иако патникот се определил за зелениот царински канал, поради сомневање бил подложен на контрола при што парфемите биле откриени во два куфера.

Во друг случај на истиот аеродром, при безбедносна контрола на патник кој патувал на релација Скопје – Лондон – Лутон, биле пронајдени 260 пакувања тутун од по 50 грама. Тие биле скриени и непријавени.

Царинската служба исто така спречи обид за шверц на соларен инвертер преку граничниот премин Табановце. Возач на камион се обидел да го пренесе уредот скриен во кабината на возилото, но при контрола со мобилен скенер била забележана неправилност, по што физичка контрола довела до откривање на стоката.

На истиот граничен премин, во автобус на релација Скопје – Белград, цариници откриле 129 парчиња од додатокот во исхрана Zeo Medic, скриени во куфер на еден од патниците. Суплементите се запленети, а против патникот ќе биде поведена постапка.

На граничниот премин Богородица е спречен обид за шверц на 3.150 ќесички маџун со додатоци. Иако патникот кој патувал со автомобил изјавил дека нема што да пријави, при детална контрола во багажниот простор, помеѓу лични предмети во три куфери, била пронајдена непријавената стока.

Мобилниот царински тим на испоставата Табановце, при контрола на камион, заплени 463 парчиња облека со логоа на познати модни брендови како Ралф Лаурен, Диор, Бос и други. Се сомнева дека се работи за фалсификати, со што се повредуваат права од интелектуална сопственост.

Исто така, на граничниот премин Ново Село, еден патник се обидел да прошверцува разна стока, меѓу која ножеви, клучеви, рибарски прибор, слушалки и машинка за стругање. Царинските службеници ја откриле непријавената стока во багажникот и меѓу седиштата на возилото.

Царинската управа апелира до сите патници да ги почитуваат законските обврски и да ја пријавуваат стоката која ја внесуваат во државата, со цел да се спречат вакви незаконски дејствија.

 

 

CATEGORIES
Share This